Македонија
26. July 2025 - 16:46

Азир Алиу: Државата во целост ќе го финансира понатамошното лекување на повредените во „Пулс“

Државата ќе ги покрие сите трошоци за лекување на повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вети денеска од Штип, ресорниот министер Азир Алиу. Бидејќи, Македонија не располага со соодветна инфраструктура за нивно понатамошно специјалистичко лекување, во преговори се со неколку амбасади дел од повредените кои се вратени во земјава, повторно да бидат упатени во специјалистичките центри. 

- Свесни сме дека има процеси и третмани кои многу чинат, скапи се, но ние како држава сме должни на секој граѓанин да му пружиме здравстена заштита, бидејќи тоа ни е и законска надлежност.  Секој процес кој бара финансиски средства ние ќе излеземе во пресрет. Исто така, секој процес кој бара импортирање на знаење, ќе направиме такви обуки и секој процес што бара мобилност на нашите граѓани од државата, исто така ќе го поддржиме, изјави Азир Алиу, министер за здравство

Во следниот период ќе се работи и на носење на Национална стратегија, преку која ќе се гради домашна здравствена инфраструктура, но и ќе се обезбедат човечки ресурси, односно, соодветен медицински кадар.

- Уверувам дека за брзо време ќе излеземе со активности поврзани со Центарот кој што сакаме таму да го градиме, но и со инфраструктурните кашацитети што во моментот ги градиме во болницата во Кочани.

Во моментот на Пониква се рехабилитира третата група повредени и до сега програмта дава солидни резултати. Алиу денес беше во посета на штипска Клиничка преку иницијативата „Мобилен кабинет“, што е модел на теренска работа, за директен увид во состојбите на јавните здравствени установи, подобра координација со медицинарите и отворен дијалог со граѓаните.