Македонија
11. јуни 2025 - 16:41

Опасни карпи се дробат рачно и со механизација, делницата Дреново-Фариш наскоро во сообраќај

Опасни карпи на делницата Дреново-Фариш се отстрануваат рачно и со механизација. Во моментов се дроби камена маса висока 70 метри. Пред да се вклучат машините, поради тешкиот пристап и лошиот терен, работниците голем дел од работата ја завршиле со рачен алат. Карпите не можеле да се минираат, оти на тој начин ќе се оштети патот кој веќе е направен, вели главниот надзорен инженер на трасата. Интервенциите на теренот се пред самиот финиш, се завршуваат и последните работи пред делницата да биде пуштена за сообраќај.

„Нејзината маса која ние ја проценивме на околу 800-900 кубика, со почнување на рушењето прерасна на две илјади кубика. Со нејзината структура претставуваше опасност во одреден временски период со атмосферските влијанија, високи и ниски температури и мразови да дојде до нејзино кршење и паѓање врз патот, со што може да се случи да има и непожелни ефекти по учесниците во сообраќајот. Еден дел од трасата поминуваше кај карпа слична на оваа, малку поголема, негде околу 4 и пол илјади кубика. Тоа беше карпа-самец која претставуваше опасност на самиот објект. Таа карпа почнавме да ја отстрануваме со минирање, но самото минирање претставуваше проблем и некоја динамика поразвлечена и подолга за реализација. Затоа се одлучивме оваа карпа да ја тераме на ваков начин. Да одиме побезбедно, со помал ризик од загрозување на објектот и на тие што работат. Самата структура на карпата внатре не ја знаеме, таа е распукана и таквата структура може да придонесе непланирано да се обруши поголема количина на материјал и да дојде до рушење врз самиот пат кој е веќе завршен“ – Миодраг Депиновски, главен надзорен инженер на трасата.

Досега се завршени 98% од предвидените активности, ни рече геологот Донев.

„Останува уште оваа карпа позади нас да се отстрани, после тоа следува заштита на карпата со дополнителна мрежа да се опфати целата и со кратки анкери. После тоа следи чистење на целиот овој материјал од срушената карпа и како заштитен слој на асвалтот, поставување на еластична ограда, хоризонтална и верикална сигнализација и перење на патот и дополнително да се стави заштитна мрежа за дивеч. Уште тие 3-4 позиции треба да бидат завршени, кои според досегашното интензивно темпо на работа, очекуваме што побрзо да се заврши ова, во прашање се недели. После ова патот може да се пушти во сообраќај“ – Санде Донев, инженер геолог 

А на околу 200 метри од опасните карпи, работници забрзано поставуваа специјална мрежа на косините. Целта е да се спречат одрони кои се честа појава при посилен дожд.

„Имаше едно поголемо, ние стручно го викаме „сипарење“ на материјалот од околу 15 илјади метри квадратни кое претставуваше проблем посебно при обилни и поројни дождови, доаѓаше до сипарење на карпата, немаше монолитни блокови големи паѓање на патот, туку поситни парчиња паѓаа на патот и затоа се презема мерка за заштита на косината со вградување на мрежа која ќе ги спречи тие одрони да доаѓаат директно на патот. И тоа е веќе при крај, за ден-два ќе биде готово“ – Санде Донев, инженер геолог

Делницата Дреново–Фариш е дел од експресниот пат Градско–Прилеп. Целата рута води до Битола и завршува на граничниот премин со Грција Меџитлија.