Извештајот на Вајц е победа за македонската дипломатија
Извештајот не помина, но победници имаше- и во Скопје и во Софија. Одложувањето стана политички трофеј што секој си го објаснува во своја корист, двете страни ја истолкуваа одлуката како своја мала дипломатска победа.
За бугарските европратеници, одложувањето на гласањето за Извештајот за напредокот на земјава е мудра и одговорна одлука. За македонската експертска јавност, јасен сигнал дека во оваа битка во Европскиот парламент победата е на македонска страна.
Според поранешниот амбасадор во САД, Зоран Јолевски победата е наша, затоа што и вистината е на наша страна. Во 21 век е несвојствено некој да негира идентитет на некоја нација.
„Посебноста на македонскиот идентитет е реалност и не може никој да ја оспорува. Како дипломат претпоставувам дека тие во овој период сакаат да направат дополнителни консултации, меѓутоа она што е значајно е ние како држава и како регион да продолжиме со реформите, бидејќи на крајот на краиштата, реформите што ги правиме, пред се, се за нашите граѓани и да нашата економија што побрзо се приближи и стане конкурентна со европската еконономија.”, изјави Зоран Јолевски, поранешен амбасадор во САД.
Според бугарските европратеници и Народното собрание, Томас Вајц не успеал да ја задржи неутралноста во изработката на извештајот за Македонија, процес што некои го нарекоа „Катаргејт без пари“. Бугарските медиуми пренесуваат дека тој имал 31 средба со македонски функционери, меѓу кои министри, пратеници и партиски лидери, додека интеракцијата со бугарската страна била речиси непостоечка. Според нив, извештајот е резултат на координација со Скопје, без вклучување на сите засегнати страни.
Според поранешниот амбасадор Ивица Боцевски, нелогични се обвинувањата дека Македонија би влегла во коруптивни зделки со европратеникот Вајц.
Претседателот на Советот на амбасадори, Ѓорѓи Филипов, истакна дека евроинтеграциите се приоритет за земјата, но за напредок е неопходно да се водат директни преговори и да се постигнат компромиси со Бугарија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар