Македонија
15. May 2025 - 12:16

80 годишнина од кодификацијата на македонскиот јазик

Без разлика на ставовите на соседите, непобитен факт е дека постои стандардизиран и кодефициран македонски јазик со своја азбука и правопис. Во архивите и библиотеките постои цел арсенал книги со кои може да се покаже и докаже постоењето на македонскиот јазик и пред неговата официјална кодификација пред 80 години.

-Има ракописи кои се и од XIII век, меѓутоа имаме и книги кои што се од после кодификацијата, старопечатени, ретки книги, кои влегуваат во тој фонд и кои го промовираат македонскиот јазик и на некој начин го зачувуваат. Оваа година правиме 150 години од речникот на Пулевски, односно „Тројазичникот”, кој што  е некаков вовед во таа кодификација на македонскиот јазик. Го имаме исто и „За македонцките работи„ од Мисирков, 1903. Значи, зборувам за изданија пред 1944, кои се некаков начин да се кодифицира македонскиот јазик. Имаме тежок арсенал во одбрана на македонскиот јазик„ изјави Јовица Ничевски, директор на Националната и универзитетска библиоитека „Св.Климент Охридски“-Скопје.

Во време кога имаме наплив на странски зборови, македонистите сметаат дека доколку правилно се негува, најнапред во семејството, а потоа и во образовниот ситем, никогаш нема да биде загрозено опстојувањето на македонскиот јазик.

-Никогаш не треба да се плашиме за иднината на нашиот јазик, меѓутоа како се нешто  и на јазикот му треба постојано негување, имајќи предвид дека тоа е жив организам, жива материја, која што постојано прима нешто ново, нешто исфрла. Меѓутоа опстојувањето на македонскиот јазик, според мене никогаш нема да биде загрозен, доколку правилно се пренесува„ изјави Луси Караникола-Чочоровска, декан на Филолошкиот факултет, при УГД, Штип.

На одбележувањето на 80 годишнината од кодификацијата, Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, на Филолошкиот факултет при УГД, го донираше  второ издание „Правопис на македонскиот јазик“.