Македонија
7. May 2025 - 16:33

Дали со лажни потврди за примени вакцини во Бугарија родители сакаат да ги запишаат децата во училиште?

Со наводно примени петовалентни вакцини и прва доза на МРП во Петрич – Бугарија, родители бараат од диспанзерите во државата потврди за да ги запишаат децата во училиште. Самите медицински белешки повеќето напишани на обичен лист хартија, кои имале само датум на аплицирање на вакцината без задолжителниот сериски број и лот, предизвикало сомнеж кај лекари кои работат во вакциналните пунктови. Случајно или не, сите биле кај иста докторка за вакцинирање во Бугарија.  

- Ние како лекари тоа го утврдивме дека навистина не постои таква институција, немаме ние од институција дека наводно е примена вакцина, туку само од името и презимето на докторката од Петрич и единствена е таа која што ги дава овие потврди за имунизација. Наведено е името на вакцината меѓутоа ниту сериски број ниту аплосутно ништо, вели д-р Каролина Ристова – Стефановска, раководител на превентива во ЗД Скопје. 

Овие родители, како што вели Стефановска не добиле потврди за училиште а кога им укажале дека нешто не е во ред со медицинскиот документ и нема серија на вакцина, повторно не се вратиле во диспанзерите. Сомнителните случаи биле разгледани и во Националниот комитет за имунизација. Но оттаму велат дека треба да реагираат надлежните центри.

Според информации на Сител, здравствени работници веќе провериле во регионална здравствена инспекциска служба во Бугарија и добиле одговор дека кај посочената докторка освен нејзините матични пациенти нема евидентирано други деца, конкретно од Македонија,  кои биле вакцинирани. 

Како ќе реагираат здравствените институции останува да видиме, но ова се случува во период кога податоците покажуваат намален опфат со МРП и поразителни бројки на вакцинирани деца во урбани средини.