Светски ден на слободата на медиумите – 3 мај
Примената и влијанието на вештачката интелигенција годинава заземаат централно место во одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај. Иако отвара нови можности за унапредување на истражувачкото новинарство и забрзана проверка на факти, нејзината примена носи и значајни ризици. Подложна е на генерирање дезинформации, лажни вести и манипулативни видеа и фотографии. Во земјава, пак, според синдикатот на новинарите, медиумите и медиумските работници се соочуват со финансиски проблеми и обиди за политичко влијание.
„Безмалку 70 проценти од вработените новинари и медиумски работници, имаат примања пониски од просечната плата, односно 43 илјади денари во Р. Македонија, додека само 39 отсто вработени во онлајн медиумите ги уживаат правата од полното работно време. Да, немаме заробени медиуми, немаме убиени новинари оваа година, но имаме малтретирани новинари кои се соочуваат со дискриминација и новинарки кои страдаат од закани“, изјави Павле Беловски, Претседател на ССНМ.
Порака по повод денот на слободата на медиумите, упати Европската комисија според која, слободата и плурализмот се основни принципи на просперитетните демократии.
„Комисијата стои зад новинарите и силно ги поддржува во тоа безбедно и сигурно да ја извршуваат својата работа. Ја зајакнуваме нашата поддршка и заштита за независните медиуми и новинари, намалувајќи го притисокот и неетичкото однесување што ја загрозуваат нивната работа“, се вели во пораката на Европската комисија..
Во последниот извештај на „Репортери без граници“, Македонија се најде на 42-то место и според медиумската слобода, подобро е рангирана од Грција, Бугарија и Хрватска.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар