Преглед на вестите од светот
Американскиот претседателот Доналд Трамп се пофали со серија големи економски победи и силно ги нападна демократите за време на митингот во Мичиген во вторник. За време на митингот наменет за одбележување на неговите први 100 дена на функцијата, тој рече дека неговите потези за воведување царини на трговските партнери на САД би можеле да доведат до повторно оживување на домашното производство.
Во тридневна анкета, 42% од испитаниците го одобрија досегашниот учинок на Трамп, додека 53% не го одобрија. Само 36% од испитаниците го одобрија економското управување на Трамп, што е најниско ниво во неговиот тековен или претходен мандат.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, повика контактите меѓу Москва и Вашингтон да не се гледаат како нешто необично. Тој тоа го изјави на прес-конференција по Советот на министри за надворешни работи на земјите од БРИКС во Рио де Жанеиро, јавија руските медиуми.
Лавров изрази надеж дека во блиска иднина светот ќе види конкретни докази дека Русија и САД имаат заеднички интереси. Тој нагласи дека Москва ќе продолжи транспарентно да гради односи со Вашингтон и без да ги загрози традиционалните силни врски со своите стратешки партнери и истомисленици.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски посочи дека Русија „подготвува нешто“ во Белорусија ова лето, користејќи воени вежби како изговор, без да даде детали или да наведе докази. Русија и Белорусија најавија заеднички воени вежби за септември. Тој уште еднаш изјави дека првиот чекор кон мир во Украина е Русија да се согласи на безусловно примирје.
Европските граѓани во огромно мнозинство го поддржуваат мирот во Украина, но екстремната левица и десница не се залагаат за мир, туку за рускиот претседател Владимир Путин, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа рече дека екстремните левичари и десничари „го бојкотираат европското будење“, велејќи дека Русија не е закана за Европа, туку дека само силна ЕУ може да го заштити мирот.
Фон дер Лајен уште еднаш ја повика Унијата да се фокусира на планот за вооружување вреден 800 милијарди евра, додавајќи дека на Путин не може да му се верува, но дека Европа мора да го „обесхрабри“.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар