Живот
16. March 2016 - 22:37

Судбината на господин Мијаги од „Карате кид“ е потажна од секоја улога, но испраќа моќна порака

Актерот Пат Мориту многумина го помнат како феноменалниот господин Мијаги поради кој филмот Карате кид стана тоа што е. Неговата животна приказна уште од раното детство е трагична, но токму како и ликот на Мијаги, тој успеа да се издигне над неа.

Неговите родители се доселиле од Јапонија пред да се роди, а во втората година Пат се разболел од спинална туберкулоза и минал девет години во болница. Со месеци целото тело му било во гипс и му било кажано дека никогаш нема да прооди.

Осамен и изолиран од чорапи си правел кукли и се забавувал. Најпосле кога наполнил 11 години го отпуштиле од болница и по екстензивната операција на рбетот научил да оди. Во ресторанот на своите родители Пат ги забавувал гостите со вицови, послужувал храна и бил миленик на вечерите. Така решил да стане стендап комичар и наскоро ги добил првите улоги.

Играл во филмови и серии, но се до „Карате кид“ не се прославил. Пред самото снимање научил се што од него се очекувало, иако никогаш не вежбал карате. Продуцентите му сугерирале да има јапонско име, па станал познат како Норијуки Пат Морита.

Борбата со алкохолизмот го следела цел живот и почина во 2005 година во 73 годишна возраст токму како последица на погубната зависност.

-За да го познавате мојот татко мора да знаете дека тој цел живот беше означен како господин Мијаги. Никогаш не успеа да се докаже во Холивуд поради недостаток ма улоги за луѓето од други раси. Тежината на славата го уништи. Направи многу продолжетоци на филмови, серии, леташе со приватни авиони, отседнуваше во хотели со пет ѕвездички, го возеа шофери во лимузини, мислеше дека никогаш нема да мора да се врати таму од каде што дошол. Сепак заврши точно таму од каде и почна, на дното. Почина како заборавена ѕвезда, живееше во Лас Вегас, разведен од третата сопруга, не можеше да најде работа бидејќи беше стар, а се уште јаваше на таласот на славата од Карате кид. По десет години од филмот стана уште една испрана филмска ѕвезда.
и покрај падовите, срамот, борбата, навредите и кусите мигови среќа, татко ми заслужи мало делче од историјата – пишува во својата исповест неговата ќерка Али.