Казни за пешаците кои зборуваат на мобилен додека минуваат улица
Ако во време од четири години, дозволата ви била двапати одземена, повторно ќе полагате за возачки испит. Ова го предвидуваат измените во Законот за прекршоци и безбедност во сообраќајот. Двете законски решенија се веќе објавени на електронскиот регистар на прописи ЕНЕР, а предвидено е да важат од почетокот на идната година. Се забрзува и процесот на одземање.
По правосилност на пресудата, судот добива задолжение во рок од две недели да ја информира полицијата дека на возачот му е изречена забрана за управување. Дека повеќе нема да смеете да седнете зад управувачот, МВР ќе информира по електронски пат.
„Министерството за внатрешни работи по приемот на одлуката од судот, на сторителот на прекршокот му испраќа текстуална порака на мобилниот телефон или на електронската адреса со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето на известувањето ќе започне да тече изречената забрана“ .
Во законите се вметнува и казнувањето со камери. Возачите кои сториле сообраќаен прекршок ќе добиваат електронски линк со фотографија и платен налог. Снимките пак е предвидено да се чуваат шест месеци, освен ако не служат како докази во кривична или прекршочна постапка.
Во иднина, ќе се казнуваат и возачите на мотори, велосипеди и тротинети кои користат слушалки, смарт часовници или мобилен. Глобата ќе изнесува 50 евра..
За истиот прекршок, но со 40 евра ќе се казнуваат и пешаците.
„Пешакот е должен кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“.
Во иднина, пак минувањето на црвено, освен со глоба од 300 евра, ќе се казнува и со одземање на возачката од најмалку три месеци.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар