Свет
23. April 2025 - 9:19

Деветмина загинати и 30 ранети во руски напад врз украинскиот град Марханец

Руски дрон рано утринава погоди автобус со работници во украинскиот град Марханец, убивајќи најмалку девет лица во бран напади чија цел е цивилна инфраструктура во источна, јужна и централна Украина, соопштија официјални лица.

Целосните размери на нападите, кои ги држеа Киев и источната половина на Украина будни неколку часа во текот на ноќта, се уште не се познати.

– Русите нападнаа автобус со вработени на компанија кои одеа на работа во Марханец, напиша на Телеграм Микола Лукашук, претседател на регионалниот совет на Дњепропетровск.

Серхиј Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск, кој го вклучува Марханец, во централна и јужна Украина, изјави дека во нападот загинале девет лица, а најмалку 30 се повредени.

Украинската служба за итни случаи соопшти дека имало и напад на областа Синелниковскиј во регионот Дњепропетровск, во кој биле повредени две лица и предизвикан пожар во земјоделско претпријатие.

Русија исто така извршила „масовен“ напад со беспилотни летала на централниот украински регион Полтава, ранувајќи најмалку шест лица, соопшти службата за итни случаи во објава на Телеграм.

– Само градската цивилна инфраструктура беше под напади на непријателот, објави службата за итни случаи на Телеграм.

Избувнаа неколку пожари и беа оштетени станбени објекти, претпријатија, складишта и гаражи, извести службата за итни случаи, објавувајќи фотографии од пожарникари кои ноќе се борат со пламенот.

Две лица беа повредени во напад со дрон на цивилна инфраструктура во предградие на црноморскиот пристанишен град Одеса, кој исто така предизвика неколку пожари, соопшти на Телеграм Олег Кипер, гувернер на јужниот украински регион Одеса.

Големи пожари избувнаа и како последица на напад на руско беспилотно летало на вториот по големина град во Украина, Харков, соопшти градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм.

Единиците за противвоздушна одбрана исто така биле ангажирани во одбивање на напади на Киевската област, но нема извештаи за евентуална штета.

Од Русија засега нема коментари за нападите.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните единици за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 11 украински беспилотни летала над неколку руски региони и над Кримскиот полуостров. Регионалните гувернери изјавија дека нема извештаи за моментална штета.