Македонија
17. April 2025 - 12:35

Вистинските пчелари во акција против фалсификаторите на мед

Вистинските пчелари во акција против фалсификаторите на мед. Пчеларите од Источниот регион своите производи, мед, полен, прополис и восок ги изложија на три дневен Саем, организиран на штипското шеталиште. Целта им е да ги едуцираат граѓаните за тоа, како да препознаат оригинален производ и да не подлегнуваат на измамите од лажните производители. Профитот велат, го ставаат во втор план, бидејќи производите ги продаваат по пристапни намалени цени.  

- Целта на овој саем најмалку е заработувачката. Нашата цел е да апелираме до купувачите да купуваат природен мед, затоа што вештачкиот мед се повеќе и повеќе е присутен на пазарот. Неговата боја и густина се направени да се скоро идентични, а природниот мед се разликува по тоа што има убав мирис и вкус, затоа слободно пробајте и помирисајте пред да купите, анкета пчеларка

Освен по мирис и вкус, оригиналниот мед, било да се работи за планински каде пчеларникот е лоциран на над 1000 метри надморска височина  или за ливадски, може да се препознае и по етикетата, која е издадена од надлежна домашна институција.

- Како пчелар можам да препорачам да си земаат мед со етикета на амбалажата, на која е истакнат бројот на одгледувалиштето, на пчеларникот, како и број за идентификација издаден од АХВ, анкета пчелар

- Купувајте од пчелари кои имаат сертификат, зашто се земаат примероци од медот и се испитуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство и на сертификатот имате се, за што станува збор и што содржи во истиот. Исто така апелираме и до институциите да ни помогнат да се запре овој криминал што се повеќе владее на пазарот, анкета пчеларка

Медот и производите од мед освен како дел од исхраната се користат и како превенција од разни вирусни и бактериолошки заболувања, па од таму и потребата за консумација на оригиналниот домашен производ, а не негова имитација, додаваат пчеларите.