Филипче повика на уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ возврати дека е апсурдно да зборува за ЕУ
Македонија е заглавена во т.н. самонаметнато вето, порача лидерот на СДСМ во Брисел. Владата не е подготвена да прдолжи со уставните измени неопходни за старт на преговарачките поглавја со Унијата, смета Филипче, кој од конференцијата посветена на проширувањето, побара европските социјалдемократи да го олеснат процесот за да не завладеат антидемократските и антиевропските сили. Вели дека стои на располагање за да се направат уставните измени, дури и по цена на својата политичка кариера.
„Македонската влада е пример за немање стратегија, особено во однос на прогресијата на евроинтеграциите, со тоа што дозволува билатерализација на пристапниот процес, тука мислам на бугарските барања. Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес“, изјави Филипче.
Евроинтеграциите се заглавени токму поради СДСМ, возвратија од владејачката партија.
„Апсурдно е токму СДС, партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство.
Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење;
Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар