Македонија
7. April 2025 - 16:49

„Царините од САД се резултат на грешка“ – Мицкоски очекува да се коригира одлуката

Премиерот Мицкоски очекува наскоро да се ревидира одлуката на САД за зголемување на царините кон земјава. Новиот тарифник за увоз од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија, стапува во сила задутре. Трамп ни одреди царина од 33% со тврдење дека Македонија има царина од 65 отсто за увозот од САД. Според Мицкоски, станува збор за некаква грешка или погрешна информација.

„Работиме со нашите партнери, САД, очекувам многу скоро да се корегира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките. Сега се споредуваат податоците, во контакт сме со Амбасадата, со Министерството за економија и со Кабинетот на Трамп, а тоа беше дел од разговорите и на Муцунски и државниот секретар во Брисел, така што во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Премиерот не откри детали што точно се преговара со САД затоа што процесот бил сензитивен. Но, објасни дека за Македонија ќе бидат поголеми индиректните ефекти, доколку Европската Унија не успее да ја надмине новата состојба.

Во меѓувреме, министрите за економија и трговија на ЕУ денеска во Луксембург ќе кројат стратегија за тоа како Трамп да ги повлече царините. Германскиот министер упати остра критика.

„Пресметките од моја перспектива се бесмислени, дури и основата на пресметката е бесмислена. Ако ние, остатокот од светот, продаваме поевтини производи на американската економија, тоа е во корист на американската економија. Значи, дури и основата на пресметката, како да кажам - економската, философската основа, е бесмислена“ – изјави Роберт Хабек, министер за економија на Германија.

Земјите-членки на Европската унија во среда треба да гласаат за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум.

Потопот на светските берзи продолжува. Цените на акциите, златото, нафтата и доларот бележат силен пад. Инвеститорите се плашат од глобален трговски конфликт, додека загриженоста од инфлација и рецесија сè повеќе се шири.