Венко Филипче единствен кандидат – СДСМ избира претседател
СДСМ денеска го избира Венко Филипче како единствен кандидат за лидер на партијата. На редовните директни внатрепартиски избори близу 24 илјади членови гласаат на 78 избирачки места низ државата. Првично закажаните партиски избори на 16 март, беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Исходот од изборите е извесен, па Филипче вели дека како и изминатите 9 месеци, и следните 4 години ќе се фокусира на консолидирање на партијата.
Од партијата информираат дека гласањето од утрово тече без никакви проблеми, а избирачките кутии ќе бидат затворени во 20 часот.
Членството на СДСМ верува дека Филипче е вистинскиот избор кој може да ја консолидира партијата.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори.
За разлика од денеска кога е единствено име на гласачкото ливче, на претходните избори Филипче имаше тројца противкандидати, Деспотовски, Петровска и Бајдевски кои во предизборниот период обвинуваа за нерегуланости и нефер изборна трка, поради кои Петровска два дена пред изборите се повлече. Но, и покрај ова Филипче тогаш победи со освоени над 50% од запишаните членови за гласање. По денешните избори Филипче ќе има мандат од 4 години.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар