Известувачот на Европарламентот за Србија во посета на Белград
Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Србија, хрватскиот европратеник Тонино Пицула од денеска до среда ќе престојува во посета на Белград во мисија за проверка на фактите.
Како што соопшти ЕП, за време на оваа своја прва посета на Србија во својство на постојан известувач за земјата, Пицула ќе се сретне со политичкото раководство на земјата, членови на владејачките и опозициските партии, како и со претставници на медиумите, граѓанското општество и на бизнис секторот.
Целта на мисијата за проверка на фактите на Пицула е да собере информации за Предлог-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Србија во нејзините напори за приклучување кон Европската Унија во текот на 2023 и 2024 година.
Пицула во четвртокот на состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) презентираше нацрт верзија на извештајот, при што оцени дека Србија во последните години не постигнала вистински напредок на нејзиниот европски пат.
Хрватскиот европратеник истакна дека во документот се изразува загриженост околу прашањата иницирани на студентските протести во Србија, поврзани со транспарентноста, одговорноста и почитувањето на граѓанските права.
- Целосно е неприфатливо покренувањето правни постапки против демонстрантите, како и обвинувањата од српските власти на сметка на земји од ЕУ за поттикнување на протестите, изјави Пицула.
Според него, исклучително важно е Србија да обезбеди независност на институциите, вклучително и во однос на регулацијата на медиумите, имајќи предвид дека се увидени недостатоци во владеењето на правото, административните реформи, спроведувањето на политиките на ЕУ и борбата против корупцијата.
Пицула воедно ги повика Белград и Приштина да вложат напори за намалување на тензиите и за спроведување на постигнатите договори.
- Нормализирањето на односите со Косово е клучно за напредокот на Србија на патот кон ЕУ, истакна Пицула, додавајќи дека Белград мора јасно да покаже дека е стратешки ориентиран кон Унијата.
По презентацијата на Нацрт-верзијата на извештајот, европратениците сега имаат право да поднесат свои амандмани, по што ќе следи усогласување на конечниот предлог-текст на документот од страна на политичките групи во ЕП.
Се очекува Предлог-извештајот да биде ставен на гласање на седница на АФЕТ во текот на април, по што европратениците ќе треба да се изјаснат за негово усвојување на првото наредно пленарно заседание на Европскиот парламент.
Инаку, Србија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ во 2012 година, а преговорите ги започна две години подоцна. Досега земјата отвори 22 од 35-те поглавја од преговарачкиот процес, од кои само две се затворени.
Ново на Сител
-
Стармер ќе разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа и тарифите за британскиот челик
-
Италија победник на Лигата на нации во одбојка за жени
-
Отпечаток од рака стар 4.000 години пронајден на египетски глинен сад
-
Северна Кореја ја одбива понудата за дијалог со Јужна Кореја
-
Тројца загинати, десетици повредени во вчерашната железничка несреќа во југозападна Германија
-
Предупредување до сопствениците на „Андроид“ за апликациите што преземаат чувствителни податоци
-
Фон дер Лајен: Со САД постигнавме договор што обезбедува стабилност и предвидливост за двете страни на Атлантикот
-
САД посредува во мировните преговори меѓу Тајланд и Камбоџа во Малезија