Бизнис
22. October 2024 - 16:42

Платата во август повисока за 2 евра од јулската

За две евра се зголемила просечната плата во август во однос на претходниот месец. Статистиката пресмета дека во просек вработените земаат по 41.097 денари, што во споредба со лани е пораст од близу 13 отсто. Најголем скок на примањата има во секторите образование, уметност, јавна управа и одбрана, односно во дејностите каде согласно Колективните договори платите им се зголемија во март годинава. 

Покачување има и во секторите каде некогаш вработените земаа минималец. Во преработувачката индустрија за една година платите пораснаа за 14 отсто – сега во производството на текстил во просек вработените земаат над 37 илјади денари, на кожа и облека над 27 илјади, производство на пијалоци  над 48 илјади денари. Сепак,  месечните примања во овој сектор се најниски во споредба со останатите. Просекот го креваат програмерите , кои со месечна плата од  1,600 евра се најплатени  во државата.Зад нив се вработените во фармацијата, воздухопловството, финансиите, научното истражување. Нивните месечни плати се околу 1,000 евра.

Работодавачите неколку пати алармираа дека работници нема, а тие што останаа не сакаат да работат за ниски плати. Од друга страна, животот станува се поскап, па платите мора да растат, за да ги задржат вработените. Затоа бараат помош од државата, како ослободување од плаќање придонеси за ново вработени лица  или друг вид субвенции кои ќе им го олеснат водењето бизнис.