Македонија
24. September 2024 - 16:33

Нов случај на западно нилска треска - Пациент од струмичко хоспитализиран на Инфективна

Една недела пациент од струмичко е хоспитализиран на Инфективна поради компликации од Вест најл вирусот. Тој е петти случај регистриран со Западно – нилска треска во земјата. 62 годишниот маж завршил на клиника по упат од матичен. При прегледот бил во лоша здравствена состојба и имал и невролошки симптоми. Во анамнестичкиот наод нема податок дали патувал надвор од Македонија, вели за Сител директорот Фадил Цана.

-Сомневано е за централно засегање, невролошко. Добиен е резултат за вест најл позитивен резултат и од ликвор и од серум. Во моментот пациентот е подобар, има разбистрување на свеста, но нормално, се уште е во тек лекувањето, вели Д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.

При приемот пациентот имал и висок крвен притисок и во консултација со кардиолози, состојбата била ставена под контрола.

Пред 9 дена на Инфективна почина 78 годишен жител на Чешиново Облешево поради компликации од вирусот. Во април и јули Институтот за јавно здравје евидентирал двајца заразени со западно нилска треска кои биле импортирани случаи а тестираниот во август не патувал надвор од државата.

Според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, во 15 европски земји меѓу кои и Македонија годинава има потврда за 715 заразени по каснување од комарци а 51 починале поради компликации од заразата.

Болеста не се пренесува од човек на човек а инкубацијата е од 3 до 14 дена.