Муртезани во Брисел го претстави планот со кој ќе ја враќаат довербата во правосудството
Министерот за европски прашања денеска во Брисел пред другите членки на Унијата но и земјите кандидати од Западен Балкан реферираше за сработените реформи во правосудството во Македонија. Им го претстави новиот четиригодишен план на Владата, по препораките на оценската мисија со кој ќе ја враќаат довербата во правосудството во Македонија. Пристапувањето кон ЕУ останува приоритет на новата Влада и спороведувањето на неопходните реформи според стандардите на ЕУ- правосудство, борба со корупција, слобода на медиуми и институционални контроли.
Северна Македонија направи значителен напредок во реформите во правосудството, фокусирајќи се на независноста, ефикасноста и професионализмот. Нашата Развојна секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) и Акцискиот план за спроведување на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) ќе ги продлабочат овие напори, со акцент на ревидирање на правосудното законодавство во согласност со препораките од оценската мисија. Посветени сме на зајакнување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во правосудниот сектор, а истовремено ја подобруваме неговата финансиска независност и дигитализација. Враќањето на довербата на јавноста во нашето правосудство е најважно.
Македонија, заедно со Србија, Албанија и Црна Гора за прв пат беше поканета да пристуствува на Советот за општи работи, како земји кандидати за членство во Унијата. Како што нагласи Министерот за европски прашања на Унгарија која е земја претседавач со ЕУ, потребно е присуство на земјите од Западен Балкан, за да се разговара со нив, а не за нив и реформите кои треба да ги спроведат.
Поддршка за влез на земјите од Западен Балкан во европското семејство, но по систем на заслуги- посочи хрватската министерка за европски прашања.
Муртезани на состанокот истакна дека Македонија останува посветена на исполнувањето на своите обврски во процесот на пристапување кон ЕУ и соработка со новата Комисија за исполнување на целта- влез во Унијата до 2030 година.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар