Балкан
25. July 2024 - 10:01

Хрватската влада денеска ќе изгласа брутално зголемување на платите на функционерите за 70 отсто

Хрватската Влада на седницата денеска на пладнет брутално ќе си ги зголеми платите на своите членови и на другите државни функционери, вкупно 270, пишува „Индекс“.

На точката 15 од дневниот ред ќе има предлог за одлука за висината на основицата за пресметување на плата на државните функционери. Премиерот Андреј Пленковиќ ќе си ја зголеми платата за речиси 2.500 евра, колку што ќе се зголеми и платата на претседателот Зоран Милановиќ и претседателот на Собранието Гордан Јандроковиќ.

Поголеми суми на нивните сметки би требало да се уплаќаат веќе во август, со платата за јули.

Основната плата ќе се зголеми на 947 евра бруто наместо 516 евра колку што беше претходно. Тоа е зголемување од 83 проценти.

Со тоа нето-износот на платите ќе се зголеми за повеќе од 60 отсто, а на највисоките државни функционери за 70 отсто.

Ова ќе бидат новите плати на највисоките владини функционери:

Зоран Милановиќ (претседател): 6.074 евра нето (стара плата 3.600 евра нето)

Андреј Пленковиќ (премиер): 5.535 евра нето (стара плата 3.263 евра нето)

Гордан Јандроковиќ (претседател на парламентот): 5.314 евра нето (стара плата 3.113 евра нето)

Марко Приморац (вицепремиер): 4.776 евра нето (стара плата 2.769 евра нето)

Дамир Хабијан (министер): 4.167 евра нето (стара плата 2.357 евра нето)

Секако, станува збор за нето износи, што значи дека за нивните плати ќе се издвојуваат значително повеќе од буџетот.

Платите на повеќето пратеници треба да се движат меѓу 3.500 и 4.000 евра нето.

Од Владата најавуваат дека зголемувањето на основицата е првиот чекор, а наесен ќе ги менуваат не само коефициентите туку и целиот систем за државни функционери. Засега не сакаат да кажат дали целта на овие измени е изедначување на платата на премиерот и претседателот, на кои во времето на Фрањо Туѓман и полупретседателскиот систем им беше вратен највисокиот коефициент.

„Сметаме дека ова зголемување на платите е антикорупциска мерка. Откако обезбедивме голем економски раст, ги зголемивме минималните плати, време е да ги зголемиме платите на министрите“, рече Пленковиќ.

„Пред неколку дена се откажав од многу повисока плата, така што мојата плата не е многу висока во споредба со другите земји“, додаде Пленковиќ (алудирајќи на неговото откажување од некоја од европските функции).