Македонија
15. March 2024 - 16:42

30 Maкедонски борци загинале во одбрана на Украина, тврдат руските служби

Руските државни служби тврдат дека меѓу загинатите во борбите од украинска страна имало 30 македонски државјани. Според податоците 13 387 странски платеници учествувале во борбите со руските сили од кои 90 борци тврдат дека се од Македонија. Овие податоци ги објави руското министерство за одбрана за период од 24 февруари 2022 година, табела со платеници од земји кои се борат во Украина. 

Од Министерството за одбрана на Македонија тврдат дека ниту еден припадник на Армијата не е во Украина ниту може да биде бидејќи нашата цел како земја членка на НАТО е заштита на сопствената држава и на колективната безбедност на Алијансата. За Сител велат:

„Овој вид на информации се дел од агресивната воена стратегија која ја спроведува Руската федерација во повеќе земји на НАТО, пред сè преку разни психолошки и информациски операции кои имаат дестабилизирачки и антидемократски агенди на кои не треба да потпаѓаме.“

Од МНР не добивме одговор дали се точни информациите за загинати 30 наши државјани во Украина. 

Пласираните информации од руското министерство не се многу релевантни за поранешниот министер за внатрешни Трајанов, кој смета дека дури и да се точни можеби станува збор за злоупотреба на документи. Државата не поддржува учество на поединци на боиштата во Украина ниту пак во други држави каде се води војна.

Учество во паравоени структури според нашето законодавство пак е кривично дело и такви примери имало во минатото, кога лицата повратници биле осудени со затворски казни. 

Според податоците кои се објавени од руското министерство, најмногу платеници има од Полска околу 3000 од кои дури половина го загубиле животот во војната. На табелата следни по бројност се платени војници од САД, Канада, Грузија а од регионот најголем број платеници има од Хрватска 332 потоа БиХ 207 и Албанија со 192 кои се приклучиле на украинските сили.