Македонија
24. October 2022 - 16:31

Расте бројот на пријави за кражби на огревно дрво во Радовиш

Растат обидите за кражба на огревно дрво во радовишкиот регион. Ваквата појава е посебно изразена во последните три месеци во кои бројот на лицата кои вршат бесправна сеча, но и транспортот и продажбана огревно дрво е двојно поголема во однос на истиот период лани. Според полициската евиденција само во  август, септември и октомври годинава биле спроведени 24 контроли во кои се запленети близу 65 метри кубни огревно дрво и повеќе патнички и запрежни возила со кои истото биле превезувано.

„Одделението за внатрешни работи Радовиш во периодот Август, Септември и Октомври 2022 година бележи зголемување на ефикасноста во откривање на лица кои вршат бесправна сеча, транспорт и продажба на огревни дрва.
Во наведениот период биле спроведени 24 вакви активности, при што од физички лица жители на општините Радовиш и Конче биле одземени 64.6 м/3 огревни дрва без соодветна документација, 6 патнички моторни возила, 5 запрежни возила, 2 трактори, 1 товарно возило и една приколка за патничко возило, вели Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

Дека кражбите на огревното дрво бележат порат потврдуваат и од шумската полиција која во изминатите три месеци има поднесено 28 прекршочни барања и една кривична пријава. Дел од дрвата кои биле предмет на нелегална сеча се откриени за време на контроли направени на шумски терен, но имало и случаи кога дрвокрадците се затекнати при продажба на дрвната маса на физички лица. Од шумската полиција апелираат до граѓаните да бидат внимателни при набавката на огревно дрво и истото да го обезбедат од легални добавувачи, во спротивно доколку немаат соодветна документација може да останат и без дрва и без парите платени за истите.