Македонија
31. August 2022 - 16:33

Што е подготвено а што не за почетокот на учебната година утре?

Зголемени плати на вработените во образовниот процес, но и низа предизвици за учениците ќе го одбележат утрешниот старт на учебната година.

МОН и СОНК постигнаа договор, по најдолгиот штрајк во образованието кој траеше речиси еден месец, се договорија платите на просветарите да бидат зголемени за 15%, па најниската плата за на вработените во средните училишта ќе изнесува 17.512 денари, додека за основните училишта таа ќе биде 16.973 денари. Во договорот стои дека основната плата на работникот не може да биде пониска од минималната плата во бруто износ.

Но покрај платите за наставниците, четири генерации ученици оваа година ќе ја започнат без учебници. Првачињата, вторачињата како и учениците од четврто и петто одделение наместо од учебници ќе учат од материјали кои ќе им ги обезбеди ресорното министерство, а кога ќе ги добијат учебниците никој уште не знае- биле во завршна фаза но требало да поминат низа филтри поради новите содржинил.

Средношколците пак со идеи како да го подобрат нефункционалниот образовниот систем. Велат ќе требаат години работа, но мора да се почне од некаде.

Се уште е неизвесно пак како ќе се греат училиштата на зима во ек на енергетска криза во земјава.

Скапата струја и ограничувањата ќе бидат предизвик за непречениот тек на образовниот процес.

Помеѓу централната и локалната власт е формирана работна група, со цел да најде решение за овој проблем, за како што кажа министерот за образование, училиштата да останат отворени и во зимскиот период.