Бизнис
5. March 2022 - 16:44

Што ќе донесе новата методологија за пресметка на пензиите?

Швајцарскиот модел за пресметка на растот на пензиите кои вчера го договорија власта и пензионерите, е формула која се применуваше и пред неколку години, велат дел од експертите.

Тврдат дека сега повторно се враќа во употреба затоа што пензискиот фонд во моментов бил во подобра состојба од порано и може да одговори на растото на пензиите. 

Сепак Гацо вели дека со оваа одлука и со најавениот раст на пензиите, највозрасната група на граѓани во земјава ќе имаат можност повеќе да трошат. Затоа предупредува да се внимава на инфлацијата која во моментов е чуствителна  поради сите случувања.

Од опозицијата обвинија дека со одлуката не станува збор за зголемување на пензиите, туку на враќање на моделот на ВМРО кој го укинаа пред неколку години. Велат она што им го украдоа на овие граѓани сега се обидуваат да го санираат.

Од власта пак возвратија дека станува збор за историски раст на примањата на над 300 илјади граѓани. Годишно во просек тие на нивните сметки ќе добиваат 12.000 денари.

Со поддршка излегоа и од ДУИ кои посочија дека ќе се продолжи со мерки и програми за подобрување на животниот стандард на граѓаните во време на светска и енергетска криза.

Вчера Владата одлучи да го прифати предлогот на  пензионерите, во моделот за пресметка на пензиите 50 проценти да влегуваат трошоците за живот и со 50 отсто да учествува растот на платите. Усогласувањето ќе се прави два пати во годината, во април и септември. Оваа група на граѓани дополнително за три месеци по ред за април, мај и јуни ќе добива и по 1.000 денари како финансиска помош поради кризата и случувањата со цените.

Во март пензиите се зголемија за 2,9 проценти поради растот на трошоците. 

Според пресметките на фондот највисоката пензија во земјава изнесува околу 60.000 денари, а најниската 10.790 денари.