Македонија
10. January 2022 - 16:37

Инспекторите наложиле уривање на џамијата во Злокуќани за 15 дена, оџата тврди дека не е дивоградба

Општина Карпош бара да се сруши нелегалниот верски објект во Злокуќани. На одговорните лица им е даден рок од 15 дена за доброволно да го отстранат објектот.

„Инспекторатот одреди 15 дена рок за доброволно отстранување на нелегалниот објект. Во случај да не биде доброволно отстранет објектот во предвидениот рок, од општината посочија дека случајот ќе биде пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“, пишува во соопштението од Општина Карпош.

Оџата демантира дека се работи за дивоградба. Ни достави на увид имотен лист, но не и дозвола за градба.

„Објектот поседува имотен лист запишан во Агенција за Катастар на Недвижности под број: 6724, во име на Исламска Верска Заедница. Исто така, поседуваме официјален документ од стрна на Исламска Верска Заедница врз основа на член 32 од уставот на ИВЗ во СРМ, Муфтиство на ИВЗ-Скопје, со кој што се одобрува и согласува дека џематот од н. Злокуќани во општина Карпош, можат да ги извршуваат верските обреди т.е. клањање на намази (извршување на верски молитви) и други верски дејствија пропишани со изламските прописи“, пишува во писмениот демант од Бајрам Исеновски, претседател на џамиски одбор.

Од ИВЗ официјален одговор во врска со случајот најавија за во среда бидејќи скопскиот муфтија не во земјава во моментов. Но, велат дека вообичаено ИВЗ дава согласност за изградба на минаре во рамки на верските објекти, но секогаш ги советува верниците пред да градат прво да побараат дозвола од општината, бидејќи тие не се над законот.

Во меѓувреме, дел од мештаните најавуваат дека ќе ангажираат адвокати за решавање на проблемите со кои се соочуваат.