Партиите блиску до договор за датум за избори
Претседателот Стево Пендаровски вчера, по седницата на Советот за безбедност, откри дека партиите биле блиску до договор за датум за избори, но последните два дена, поради ситуацијата со коронавирусот и зголемениот број заболени, ја прекинале комуникацијата. Партиските лидери, како што рече Пендаровски, се разидувале за 10 до 15 дена околу датумот за изборите, а можеби и помалку.
Претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери, оцени дека дополнителните две недели вонредна состојба кои почнуваат денеска, се доволни за постигнување консензус и апелира лидерите на партиите да седнат, да се договорат. Тоа, според Џафери, е нивна обврска и одговорност. На државата, истакна, и се неопходни функционални институции, а Парламентот е распуштен и може да го вратат само граѓаните низ процес на гласање.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчера и порача на власта да престане со лицитирање датуми, непријатно е да се зборува за избори кога во земјава има рекорден број новозаболени, почетоток на втор корона бран и по неколку починати дневно. Приоритет треба да бидат здравјето и економијата. ВМРО-ДПМНЕ, нагласи на прес-конференција, е подготвена за избори кога и да се случат.
-Пред да се случат новите трендови поврзани со пандемијата, политичките партии беа блиску до договор за датум за избори, но поради развојот на ситуацијата и порастот на бројот заболени и починати, разговорите се прекинати. Политичките лидери имаат комуникациски канал меѓу себе, тие тоа јавно го кажуваат и факт е дека и јас имам комуникациски канал и практично секојдневна комуникација со секој од нив. Она што го знам, до пред некој ден, барем додека не излезе оваа нова ситуација во делот на трендовите врзани со пандемијата, неколку од тие клучни, да не се навредат другите политички лидери, главните во власта и во опозицијата беа прилично блиску до датум. Ако ми е дозволено да шпекулирам без да споменувам имиња и датуми, тие беа во рамки од 10 до 15 дена можеби и поблиску според одредени нивни искажувања затоа што во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон и со уредба со законска сила може да се гласа и во среда да речеме, истакна Пендаровски.
Претседателот уште еднаш потенцира дека државата не може вечно да биде во вонредна состојба за некако да функционира.
-Ќе мораме да имаме политички институции. Нивно е да решат кога е според нив најдобро да имаме датум за избори, но факт е дека короната ќе трае, дека вакцина не е ни најавено дека може да има. Многу држави во светот шпекулираат дека е можно и цела 2021 година да немаме вакцина и се престројуваат во согласност со тие проценки вклучително и политичките процеси ќе треба да доведат до кредибилни и легитимни политички институции. Не можеме да кажеме дека во септември, во јули, во август ќе биде битно поинаку зашто државата нужно мора, како и сите држави во светот да се отвора. Мерките мора да попуштаат, во спротивно ќе дојдеме во економска катаклизма, не катастрофа. И главното прашање за сите надлежни, а пред се за одговорните политички лидери е како да направиме избори и како да ги тераме, да ги водиме и менаџираме сите битни процеси во земјата покрај короната и наспроти короната, заедно со короната. Без тоа е илузија да размислуваме. Што ако не би имало. За жал, и во јуни и во јули и во август и во септември, веројатно и до крајот на годината, а и потоа, ќе има и новозаразени, а за жал и починати. Мораме да научиме и да живееме и да го организираме нашиот живот покрај ова или во рамките на оваа пандемија. Нема друго, рече Пендаровски.
Спикерот во заминување, Џафери напомена дека ако партиските лидери во претстојните 14 дена не постигнат консензус околу датумот за изборите, институциите би требало да си ги преземат обврските.
-Мислам дека ова време за кое ќе се продолжи вонредната состојба ќе биде доволно лидерите да ја доискористат можноста за да се изнајде консензус по она што си преземаа одговорност во октомври минатата година, да одлучат да одат на предвремени избори. Апелирам ова време да го искористат за комуникација, директна или индиректна. Тоа е нивна надлежност да смогнат сили и највеќе во интерес на граѓаните во вакви околности да можеме да спроведеме законит издржлив процес изборен што ќе може да создава соодветни институции. Според правилата, Собранието може да го врати само граѓанинот низ процес на гласање. Условите за гласање секако нема да бидат како што беа претходно и во претходните циклуси, но имајќи ги предвид предвидувањата ние мора да научиме сите поединечно, и како институции и како граѓани и како политички субјекти, да живееме со оваа појава за која во светски рамки прогнозата е дека ќе потрае. И во тој контекст ние не може да ги оставиме институциите во недоглед во нерешена ситуација, истакна Џафери.
Потсети и дека Собранието до крај ја испочитува политичка одлука и волја на партиските лидери од октомври минатата година да се оди на предвремени избори.
-Таа политичка волја на лидерите, односно на парламентарните партии и низ правна процедурална постапка таа одлука ја спроведе на дело и ги презема сите активности да ги спроведе сите обврски во смисла на избор на техничка влада на 3 јануари 100 дена пред изборите, да се распушти Собранието во соодветно време за да се обезбеди до 12 април да се има во рамки од 60 дена од Уставот како што ги прецизира роковите и во тој контекст сите ние се најдовме во една состојба поради вирусот и од таа причина и се дефинира таа состојба како вонредна и во вонредни околности пак кажувам институциите треба да ги преземаат обврските, одговорностите и надлежностите работава да си ја вратат во оние рамки коишто се пропишани со Устав и со закон, рече Џафери.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, мора да се носат одлуки, но не базирани на тесногради интереси, туку на разум и мудрост.
-Мора да научиме да живееме со овој вирус, но кога на дневна основа ќе имаме само по неколку заразени и без смртни случаи. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори кога и да се случат. Математиките, диктатот и исполнувањето на желбите на Заев преку Спасовски се надвор од фокусот на вниманието на ВМРО-ДПМНЕ и во овој момент се чувствувам непријатно да зборувам за каков било датум за одржување избори кога се уште броиме мртви и новоинфицирани на дневна основа, нагласи Мицкоски.
Тој очекува откако ќе се донесе одлуката за вонредна состојба да има брифинзи на кои ќе се вели дека изборите ќе бидат на 5 јули. -Тоа значи дека таман се направени овие 14 дена за да тие да се повикаат на тие 22 дена кои велат дека се доволни според ДИК и да речат, еве, на 5 јули ќе имаме избори, рече Мицкоски. Место да се зборува за мерките, ќе се занимаваме со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ бегало од избори, а СДСМ бил тој што ќе оди на 5 јули на избори, рече Мицкоски, додавајќи дека ако има нова лидерска средба би учествувал, но за да разговара за иднината на државата и за здравјето на граѓаните.
Ново на Сител
-
Старец загина во пожар во неговата куќа во Желино
-
Пронајдени 3.622 монети со археолошка вредност кај 32 годишен Албанец на Табановце
-
Индијана потпиша со Мозес Браун
-
Португалија ремизираше со Хрватска во Лигата на нации, Полска испадна во Б-сегментот
-
Лејкерс ќе подигне статуа во чест на Пет Рајли
-
Скопје 6-ти најзагаден град во светот
-
Познати сите четвртфиналисти во Лигата на нации
-
Академијата Ф1 го претстави календарот за женските трки за 2025 година