Македонија
13. November 2018 - 15:51

Одбележан Денот на ослободувањето на Скопје

Скопје денес има свои нови битки и нови предизвици. Исправени сме да се бориме заеднички. Секој од нас, како граѓанин, ние како институции за подобрување на условите за живот во нашиот град. Скопје се менува секојдневно и од ден на ден станува близок до европските престолнини. Го менува својот лик со цел на граѓанитре да им овозможи вистински стандарад на урбано живерње на една европска престолнина.

Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на главниот град, што се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред платото на Владата.

– Денот на ослободувањето на Скопје има посебно место во срцата на секој од нас. Денес со гордост се среќаваме и се сеќаваме со нашето славно и богато минато, но денес повторно ја потврдуваме нашата антифашистичка припадност, рече Шилегов.

Потсети дека во изминатата година бил обновен затворениот Музеј на илегалните работилници за оружје, ја почнале постапката за подигнување спомен-обележје на скопскиот првоборец Кемал Сејфула, а Сојузот на борците повторно добил свои простории. Додаде дека соработката меѓу Градот и Градскиот одбор на Сојузот на борците е одлична. Викендов во Скопје се организираше едукативна тура „По стапките на ослободителите“, во чии рамки стотици скопјани можеа да видат каде се движеле партизанските единици во борбата за ослободување на нашиот град пред 74 години.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ Трајко Стаматовски потсети на ослободувањето на Скопје и посака да живее, да се развива и да цути нашиот главен град.

Пред Споменикот на ослободителите на Скопје цвеќиња положија делегации на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, на Советот на Град Скопје, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Владата, од Собранието, од АРМ, на дипломатскиот кор, делегации од скопските oпштини, од политичките партии, од јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје, делегација на Црвен крст на Град Скопје и на Република Македонија, како и граѓани.

Претходно цвеќиња беа положени на Партизанските гробишта во „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на гробиштата „Бутел“.

Одбележување на 13 Ноември денеска почна со традиционалната средба на градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, која се одржа во Кабинетот на градоначалникот. Градоначалникот им се заблагодари на борците за несебичната и пожртвувана борба за слободата и изрази желба оваа традиција на средби да продолжи.