Заев: Очекуваме јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија со почеток на преговори во јуни 2018.
Премиерот Зоран Заев очекува јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија, а прв клучен чекор за тоа да биде датум за почеток на пристапните преговори до јуни следната година.
Ова денеска го посочи премиерот Зоран Заев на Виенскиот економски форум „Дијалог за иднината 2017“ што се одржува во Виена, Република Австрија.
- Стратегијата за ЕУ за проширување што ќе биде најавена од претседателот Јункер во февруари 2018 година и Самитот на Западен Балкан во Софија во мај 2018 година, се круцијални за осигурување на европската иднина за Македонија. Очекуваме јасен патоказ за пристапниот процес на Македонија. Ниту една од земјите не треба да биде оставена. Прв клучен чекор треба да биде датум за почеток на пристапните преговори до јуни 2018 година врз основа на резултатите што ќе ги постигнеме во реформскиот процес преку спроведување на реформскиот план 3-6-9. Европа е економски и политичка посилна. Сите заедно треба да го искористиме овој нов моментум, рече премиерот, кој се обрати на панелот на тема „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“.
Во соопшштението од владината прес-служба стои дека тој истакнал дека Европската Унија сериозно демократски и економски инвестира во регионот и од тие причини посочи дека е вистинско време да се круниса таа инвестиција со комплетиран ЕУ и НАТО интеграциски процес на целиот Балкан, дека е создадена поволна средина за проширување на ЕУ, пораките се позитивни и исклучително значајни во услови кога Европската Унија се соочува со сериозни предизвици.
- Нашата влада покажа силна мотивација и заложба да ги исполни критериумите за членство во Европската Унија, да ги спроведе потребните реформи и да ги затвори отворените прашања. Видливи се и потврдени првите резултати од реформскиот процес, имавме фер, слободни демократски локални избори, подготвени се реформите за медиумите и отворени за дебата, исклучително важните реформи во судството се најавени и ќе бидат имплементирани според препораките на експертската група предводена од г-динот Рајнхард Прибе, Министерството за финансии работи на воспоставување транспарентно долгорочно буџетирање и многу други реформски процеси се во тек, нагласи премиерот.
Пред присутните гости и учесници на форумот, премиерот Заев особено ја нагласи определбата на Владата да гради добрососедски релации и регионална соработка како врвен приоритет и стратешка цел во процесот на европските интеграции на земјата.
- Клучна цел на нашата Влада е да изградиме нов дух во односите со нашите соседи. Мора да бидеме искрени и да си признаеме дека ова не е лесна задача. Потребна е цврста политичка волја. Но дозволете ми да ве уверам, дека ние сме одлучни да го осигураме тоа што е потребно, а тоа е силна и цврста политичка волја. Успеавме да постигнеме резултати по ова прашање, преку отворен дијалог за не затворените прашања и константни напори да градиме мостови на соработка базирана на заедничка доверба и почит, потенцираше премиерот.
Во насока на зголемување на регионалната соработка, премиерот Заев истакна дека Берлинскиот процес е многу важен и во тој контекст порача дека земјите од регионот мора да напредуваат кон исполнување на неколку приоритетни цели како што се инфраструктурното поврзување, нови инвестиции и отстранување на пречките за трговија и бизнис, како и зголемување на видливоста на предностите и користа за граѓаните што ги овозможува членството во ЕУ и НАТО.
- Важно е регионот да биде вклучен во европската агенда за поврзување во транспортот и енергетиката. Тоа е причина плус зошто земјите од Западен Балкан го потпишаа Договорот за транспортна заедница, посочи премиерот.
Премиерот Заев рече дека земјите од регионот треба да го искористат огромниот потенцијал од 20 милиони купувачи што го овозможува европскиот пазар и во тој правец важно е и отстранувањето на пречките за водење бизнис помеѓу земјите од регионот, со прилагодување на даночните и правни системи согласно европските стандарди.
- Наш следен важен чекор во нашата агенда за регионална соработка е спроведувањето на Акцискиот план за регионална економска зона. Активностите поврзани со дигиталната агенда се пример што ја следи европската стратегија и приоритетите на Унијата: дебатата за концептот на Дигиталниот Самит 2018 во Македонија започнаа, и се договоривме за важните аспекти. Македонија ќе биде домаќин на претстојниот Самит 2018 во Скопје“, соопшти премиерот.
Заев истакна дека Владата на Република Македонија што тој ја предводи, иако се уште го носи префиксот нова, е фокусирана на градење на едно општество за сите и обезбедување услови за квалитетен живот за сите граѓани. Во таа насока, порача дека напорите на владата се фокусирани на создавање стабилна економска клима и кредибилен партнерски однос со бизнис заедницата.
- Мала економија како нашата потребно е да биде успешно интегрирана во регионалните и светските економски текови, истакна премиерот Заев.
Како сериозен исчекор што владата го направи кон исполнување на оваа цел, премиерот Заев посочи на Планот за економски раст за кој рече дека овозможува значајна поддршка за нови домашни и странски инвестиции со еднаков третман, како и поддршка за развојот на домашните мали и средни претпријатија.
- Еден од најважните елементи во напорите на Владата на Република Македонија за обезбедување на одржлив економски раст, е да го осигура започнатиот прогрес на земјата во интеграциите во ЕУ и НАТО. Република Македонија ги споделува европските вредности. Наредните чекори што ги преземаме ќе значат конкретно исполнување на европските стандарди, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев дополни дека Европската Унија е најголемиот инвеститор во Република Македонија со кој имаме најголема економска размена и дека правецот во кој ќе се движат предвидените реформи се согласно европските пракси, политики и стандарди.
Според премиерот Виенскиот економски форум е многу важен собир, преку кој на ефективен начин се разменуваат идеи и размислувања за регионалната соработка како дел од европските интеграции, но и изнаоѓаме начини за зајакнување на интеракцијата помеѓу бизнисот и политиката во корист на граѓаните и компаниите.
Ново на Сител
-
Манчестер јунајтед има три победи и едно реми по отпуштањето на Тен Хаг
-
Пуштено на домашно лекување момчето тешко повредено при пукање во Арачиново
-
Само 23 отсто од Французите го поддржуваат Макрон
-
Ревија на стари автомобили се одржа во Тетово, најстар беше „Фиат“ од 1932 година
-
Релево: Реал сака да го ангажира Лапорта во зимскиот трансфер прозорец
-
САД: Државен службеник им наредил на работници да не им помагаат на гласачи на Трамп по ураган
-
Руската ПВО утринава соборила 70 украински дронови, од кои половината летале кон Москва
-
Јаневска: Науката е област на која новата Влада сериозно и се посветува