Премиерот Заев ќе биде покровител на 5. Конференција на децата бегалци од Егејска Македонија
Премиерот Зоран Заев ја прифатил поканата на неколку здруженија на деца бегалци, Македонци и Македонци потомци од Егејска Македонија да биде покровител на 5. Конференција на децата бегалци од Егејска Македонија, што треба да се одржи од 19 до 21 јули следната година во Скопје, соопшти владината служба за информирање.
Тој денеска заедно со министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, примил во работна посета делегација на претставници од Сојузот на здруженијата на Македонци од Егејска Македонија и претставници од Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија, од Здружението на Македонци потомци од Егејска Македонија, како и претставници од Здружението „Незаборав“ од Струмица, кои официјално му ја упатиле поканата.
- Премиерот Заев истакна дека прифаќањето на оваа покана за него значи афирмација на соработката на Владата на Република Македонија со Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија, се вели во соопштението.
Претставниците на здруженијата го поздравиле склучениот договор со Република Бугарија, како позитивен чекор во градењето пријателски односи со соседите, и искажале поддршка во напорите да се подобрат односите со сите соседи и со Република Грција.
- Во оваа прилика тие истакнаа дека, според нив, има многу нешта што можат да се искористат како појдовна точка за градење на подобри односи со Република Грција, се истакнува во соопштението.
Сојузот побарал помош од премиерот за решавање на нивниот проблем со простории за работа, откако претходно биле насилно исфрлени од просториите во кои престојувале и делувале. Премиерот Заев им порачал дека проблемот ќе биде решен, затоа што, како што потенцирал, определба на Владата е да им помага на сите свои граѓани.
Во пресрет на големиот национален празник, Денот на независноста на Република Макеоднија, претставниците на здружението „Незаборав“ од Струмица, потсетиле на нивниот придонес во референдумот за осамостојување на Република Македонија во 1991 година.
Претставниците на Сојузот на здруженијата, исто така ја поздравиле подготвеноста за соработка кај министерот Едмонд Адеми, за кој истакнале дека им излегол во пресрет и несебично ги поддржал нивните идеи и заложби за возобновување на нивната активност.
Ново на Сител
-
Песков: Путин не дал никаква наредба за продолжување на велигденскиот прекин на огнот
-
Воз удри во автомобил на железничкиот премин кај Зелениково
-
Приведен 25-годишник од Штип, бил баран со потерница поради бегство од затвор
-
Македонците во Белгија го чествуваат Велигден
-
Украина бара извинување од Фокс њуз затоа што напиша дека Киев е „руски град“
-
Зеленски: Русија на Велигден изврши 46 воздушни напади и 900 гранатирања на Украина
-
Папата Франциск кратко се појави на балконот на базиликата Св. Петар за благословот Урби и Орби и им го честиташе Велигден на верниците
-
Прегазен малолетник во Делчево