„Њујорк тајмс“: Трамп треба да објави голем трговски договор со Обединетото Кралство
Американскиот претседател Доналд Трамп денес се очекува да соопшти дека САД ќе дадат согласност за трговски пакт со Обединетото Кралство, тврдат три извори упатени во плановите за “Њујорк тајмс”.
Набргу по излегувањето на веста, британската фунта забележа пораст од 0,4 проценти во споредба со американскиот долар, пренесе “Скај њуз”.
Трамп претходно најави дека денес ќе обелодени значаен трговски аранжман во Овалната соба, без да специфицира со која држава е постигнат. Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social вчера, тој напиша дека прес-конференцијата на која ќе биде објавен договорот ќе се одржи со “претставници на голема и многу респектабилна земја”.
Тој не откри повеќе детали, но рече дека објавата ќе биде “прва од многуте”. Претставник од Белата куќа одби да даде коментар за информацијата на “Њујорк тајмс”.
Високи функционери на Трамп одржаа серија состаноци со трговски партнери во изминатите недели откако американскиот претседател прогласи “Ден на ослободувањето” на 2 април и воведе тарифи и за геополитичките ривали и за сојузниците на САД.
Потоа Трамп наметна царина од 10 проценти за повеќето држави, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, заедно со повисоки “реципрочни” царини за многу трговски партнери. Сепак, овие реципрочни давачки подоцна беа ставени во мирување за период од 90 дена. Велика Британија не беше меѓу државите кои подлежат на пореципрочни царини бидејќи увезува повеќе од САД отколку што извезува таму.
Сепак, Обединетото Кралство се уште е погодено од царина од 25 отсто на сите возила и целиот челик и алуминиум што го извезува во САД. Британски функционер во вторникот изјави дека двете земји оствариле добар напредок во трговскиот договор што веројатно ќе вклучува пониски царински квоти за челик и автомобили.
Трамп истиот ден изјави дека тој и високите претставници на администрацијата ќе ги разгледаат потенцијалните трговски договори со други земји во следните две недели и ќе одлучат кои ќе ги прифатат. Минатата недела тој изјави дека има “потенцијални” трговски договори со Индија, Јужна Кореја и Јапонија.
Ново на Сител
-
Измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците на седница на Комисијата за политички систем
-
Втор ден од конклавата за избор на нов папа
-
Муцунски на средба со шефовите на дипломатиите на членките и кандидатите за членство во ЕУ во Варшава
-
„Њујорк тајмс“: Трамп треба да објави голем трговски договор со Обединетото Кралство
-
Паради по повод 80-годишнината од Денот на победата во Европа
-
Нетанјаху: Знаеме дека 21 заложник е жив, нема потврда за судбината на уште тројца
-
Променливо облачно, попладне наместа пороен дожд, грмежи и засилен ветер
-
Состојба на патишта