Македонија
22. јуни 2016 - 12:17

Недостасуваат 500 полуматуранти за местата во средните училишта во Струмица

Во новата учебна 2016/2017 година во прва година во трите средни општински училишта во Струмица ќе можат да се запишат вкупно 1.248 ученици, но недостигаат околу 500 полуматуранти, покажало истражувањето што го спровеле здруженија на граѓани од Струмица. Според директорот на СОУ „Никола Карев“, Драги Јанков, кај што има 500 слободни места, најмногу од сите три школи, „борбата“ за ученици годинава ќе биде тешка.

- Борбата за ученици ќе биде голема. Недостасуваат доста ученици- деветооделенци во регионот и пошироко. Еден проблем е иселувањето на граѓаните од нашето подрачје, а другиот проблем е првата година од воведувањето на деветтолетката. Половина година од раѓањето на тие генерации се ускратени да бидат сега деветто одделение, така што настанува еден вакум. Според истражувањето и анкетите на Центарот на заедниците на Струмица недостасуваат повеќе од 500 деца, вели Јанков.

Во прва година во средното општинско училиште „Јане Сандански“ ќе можат да се запишат вкупно 374 ученици распоредени во 11 паралелки и тоа 238 во гимназиското образование и 136 во економско – правна и трговска струка. Во средното училиште „Димитар Влахов“ во прва година ќе се запишат вкупно 374 ученици распоредени во 11 паралелки и тоа 170 ученици во земјоделско – ветеринарната струка и по 102 ученика во земјоделско – техничката и здравствената струка.

Во СОУ „Никола Карев“ во новата учебна 2016/2017 година слободни места ќе има за вкупно 500 ученици во 15 паралелки и тоа 136 во машинската струка, 68 во текстилно – кожарската струка, 34 во уметничко образование,126 во електротехничката, 68 во сообраќајната и по 34 во шумарско – преработувачката и градежно – геодетската струка.

Првото пријавување за запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 28 и 29 јуни 2016 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 30 јуни 2016година. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на1 јули 2016 година, а резултатите ќе се објават на 2 јули 2016 година.