Македонија
25. јуни 2024 - 16:39

На секоја втора фирма лани и било барано мито, сумите одат и до 100 илјади евра

Централната власт најмногу бара мито од приватните фирми, покажува анкетата на стопанската комора. Прашани биле 138 компании, а повеќе од половина одговориле дека им била побарана корупција. За 78% од компаниите барањата дошле од централната државна власт. 

Бројките покажуваат дека на пет компании им биле побарани повеќе од 100 илјади евра мито, а на најголем дел од фирмите до 10 илјади евра. Од оние што учествувале на тендер се барале до 10% од вредноста. Но, не биле барани само пари.

„Во кој облик било коруптивното барање? Најмногу одговори има во облик на пари. Понатаму следи одговорот подарок , па услуга и понатаму имаме група на одговори каде има работи од типот некого да вработат, да унапредат во компанијата, некаква донација да дадат за политичка партија“ – Зоран Јовановски, советник на претседателот на СКСМ

Фирмите најчесто добивале барање за корупција во постапка на добивање дозвола или одобрение, инспекција, царинска, тендерска или судска постапка. 

Мито не се нудело во постапка на јавното обвинителство или кога некој вршел ревизија.

Повеќето компании не пријавуваат, дел мислат дека тоа ќе нема ефект, а дел мислат дека ќе пропаднат ако кажат дека им било побарано мито.

„Од тие кои се соочиле со коруптивно барање повеќе од половината ништо не презеле. Дел викаат дури и нормално е нешто да се даде, а многу мал дел пријавиле, пример кај претпоставениот. Зошто не сте пријавиле, дали има некакви пречки за да се пријави? Најчести одговори се дека не верува дека ќе има ефект, а некои се плашат дека ќе има негативни последици за сопствениот бизнис ако пријават“– Зоран Јовановски, советник на претседателот на СКСМ

Според анкетата, над 60% од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати годишно. Од оние што не прифатиле коруптивно барање, речиси половина кажале оти имаат последици врз бизнисот.

Најголемиот дел од компаниите сметаат дека судскиот систем не е ефикасен, во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, а законите не се применуваат.

Предлагаат да се зголемат казните за корупција, а Јавното обвинителство побрзо да постапува по пријавите од Антикорупциска.

Анкетата е спроведена во март годинава, а се однесува само на 2023 година.