Македонија
20. May 2025 - 16:34

На лузните од изгореници им треба време да заздрават

Ќе треба и време и трпение за задравување на лузните од изгореници кај лицата кои беа повредени во трагедијата во Кочани. Третманот е индивидуален и според лекарите зависи од длабочината на раната и зафатената површина на кожата. Речиси кај сите пациенти кои биле хоспитализирани направена е трансплантација на кожа најчесто на рацете и делови од лицето.

-Кај некои настанува нормална и за еден до 2 месеци се враќа бојата на трансплантот. Кај некои пак зараснува над ниво на кожата. Може да настанат и контактури на зглобови ако е меѓу прстите иако претходно се било во ред, но за време на матурацијата на лузната таа се собира и настанува контрактура, вели д-р Емилија Атанасова, супспецијалист по пластична хирургија во Клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски.

Доктор Атанасова вели дека е многу важно навреме да се почне со физикална терапија за враќање на функцијата на прстите и рацете. Исто така советот до оние кои беа повредени е да внимаваат овој период со изложеноста на сонце и користењето на креми со заштитни фактори.

-Да користат компресивни ракавици. А дали помагаат тие? Се врши притисок врз лузната, со тоа се омекнува кожата и лузната се доведува до поприфатлива состојба, вели д-р Атанасова.

Какви дополнителни совети ќе добијат повредените од трагедијата ќе зависи по завршување на евалуацијата од тимот специјалисти кои од денеска се во кочанската болница. Неколку денови ќе им треба да ги видат и слушнат сите кои се вратени дома.  Инаку на физикална терапија одат четириесетина а на болничко лекување се уште се 18 пациенти.