Мостовите во Штип стари повеќе од пет децении пред реконструкција
Реконструкција на мостовите во Штип на река Брегалница и река Отиња е дел од долгогодишната стратегија на општината за подобрување на локалната инфраструктура. Дел од мостовите се изградени пред повеќе децении, а денес се соочуваат со зголемен сообраќаен притисок, дотрајаност на конструкцијата и оштетувања предизвикани од временските услови. Во тек е изработка на анализи за статичката стабилност на мостовите, со цел да се утврди степенот на оштетување и потребните зафати.
- По анализата и истражувањата ќе бидат преземени сите чекори, но тоа не значи дека треба да владее паника помеѓу населението, ова го правиме превентивно. Овде мислам пред се, на мостовите кои се на река Брегалница, затоа што датираат многу одамна и кои имаат подголема носивост. Доколку се констатира одреден проблем или опасност, сигурно ќе се преземат сите потребни мерки, во насока на измена на сообраќаен режим и во насока на подобрување на статистиката или евентуално изградба на нова инфраструктура, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Потребата од реконструкција станува уште поизразена во услови на зголемени врнежи и можни поплави, кога стабилноста на конструкциите е од пресудно значење. Дополнително, обновените мостови би придонеле и за подобрување на урбаниот изглед на градот, како и за зголемување на економската активност, имајќи предвид дека мостовите се важна алка во транспортната мрежа.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
