Македонија
9. August 2020 - 16:38

Мостовите во Кратово поради административни процедури оставени на забот на времето

И по две години откако Сител телевизија укажа на алармантната состојба во која се наоѓа Грофчански мост во Кратово, состојбата денес воопшто не е променета.  Овој споменик на културата стар околу 200 години, е оставен сам на себе, со нарушена статика, претставувајќи опасност за граѓаните на Кратово, но и за туристите кои доаѓаат да го видат. Трагично е што Конзерваторскиот центар обезбеди пари за санација уште пред две години, но градежните активности никако да започнат.

-Како што сум известен од директорот на Конзерваторскиот центар, фирма со А-лиценца требало да изврши конзервација на мостот. Но, доаѓа  до одложување на конзервација бидејќи ниту една фирма не се нафаќа за толку малку пари да дојде во Кратово и да го санира  делот од мостот што е паднат – вели Илија Митевски, директор на Музејот на град Кратово.

Решението за ваквите проблеми Митевски го гледа во создавање на регионален конзерваторски центар за градовите Кратово, Куманово и Крива паланка, кој би бил далеку поефикасен.
Инаку, покрај Грофчански, во многу лоша состојба се и Јоркширски и Радин мост, кои се од непроценливо културно значење за градот Кратово.