Македонија
7. December 2023 - 17:02

Мицкоски тврди дека за истрагата за Вања почнала предоцна, Ковачевски го повика да ги предаде доказите

Трагедијата можеше да биде спречена, ако истрагата за исчезнувањето на Вања не почнеше предоцна, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски тврди дека има информации за сериозни пропусти во истрагата кои јавноста наскоро ќе ги дознае. 

- Многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали. Има детали и големи недостатоци во истрагата, погледајте кога објавува ќерката на лицето кое е исчезнато со неговото возило, видете која е датата кога за жал малата Вања исчезнува и потоа видете кога почнува истрагата, вели Мицкоски 

Прикривање на докази е исто така кривично дело, возврати премиерот Ковачевски. Го повика Мицкоски сите докази кои трвди дека ги поседува да им ги предаде на истражните органи.

- Тој во многу случаи се има поставено како истражител и како обвинител итн., нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави. Меѓутоа прикривање на докази, за коишто вели дека ги има е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството, бидејќи се работи навистина за еден грозоморен чин, којшто е направен од нелуѓе и коишто треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети, изјави Ковачевски.

Ковачевски тврди дека за екстрадиција на првоосомничениот Палевски од Турција нема да се чекаат долгите рокови, туку тоа ќе се направи час поскоро.

Вели дека е задоволен од текот на истрагата. МВР во соработка со Интерпол и земјите во регионот експресно успеа да ги открие и приведе сторителите и да обезбеди доказни материјали.