Мицкоски: Нема потреба од лидерска средба
Нема причина за лидерска средба меѓу власта и опозицијата, смета премиерот Мицкоски по неколкукратните барања на лидерот на СДСМ Венко Филипче за нов лидерски состанок. Филипче изминатиов месец неколку пати повика на средба на која, како што бараше, би се детерминирале црвените линии и би се постигнал натпартиски консензус за клучните државни прашања, најмногу во делот на евроинтеграцијата.
„Па добро често пати ме канат на лидерски средби. Ние имавме една лидерска средба со господинот Венко Филипче. Доколку би имало потреба од таква лидерска средба не гледам зошто да не би ја организирале. Но, во моментов не гледам таква причина, зошто би организирале лидерска средба, уште една“, вели премиерот.
Во меѓувреме пак, финишираат партиските разговори за локалните избори на ниво на коалиции. Од владејачката ЗНАМ велат дека во текот на наредната недела ќе излезат со конечен договор со поголемиот партнер ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси извесно е дека ЗНАМ ќе има свој кандидат во скопски Центар, но неофицијално партијата на Димитриевски барала места и во уште во 5 до 6 општини, меѓу кои Дојран, Крушево, Крива Паланка... ВМРО-ДПМНЕ пак, е најнапред во процесот со објава на кандидати за градончланици, вклучително и за Скопје – Орце Ѓорѓиевски.
Најголем дел од објавените имиња се актуелните градоначланици од оваа партија. Извесна е и соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ со Вреди.
Албанскиот партнер во владата засега потврди само 3 имиња, меѓу кои поддршката на независниот кандидат во Струга Менди Ѓура и Касами во Тетово. Но, најавите од ВРЕДИ се дека на локалните избори може да истрчаат и со највисоките партиски профили, пример Меџити во Чаир како контратежа на Бујар Османи од ДУИ, или вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи за Липково, како и министерот за евроинтеграции Орхан Мртезани за Сарај.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, објави дека во неговата партија се уште се размислува за кандидат за градончланик за Скопје. Како можни кандидати ги спомена архитектот Мишко Ралев и поранешната министерка Каја Шукова, но и двајца други кандидати чии имиња не ги откри.
Во понеделникот пак, од Европскиот фронт на ДУИ брифираа дека е направена начелна поделба на општините меѓу Ахмети-Таравари и Села. Крилото на Таравари ги добива Гостивар, Сарај и Врапчиште, додека она Села ги добива Струга, Дебар и Арачаиново. Останатите се на интегративците.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар