Македонија
25. March 2025 - 16:41

Мицкоски им врати на ДУИ - наместо сочувство ја политизираат трагедијата

Секој кој го прекршил законот, ќе одговара, независно дали доаѓа од некоја политичка структура или не - премиерот Христијан Мицкоски им врати на интегративците по обвинувањата за селективно постапување во истрагата за кочанската дискотека. Бил разочаран што наместо да изразат сочувство за трагедијата, пробуваат да го политизираат  случајот. Ги охрабри институциите да постапуваат согласно законите.

Власта води политички прогон, а не истрага , обвинуваат од ДУИ, откако поранешниот министер Бектеши доби 30 дневен притвор по несреќата во Кочани. Ќе соработувале со секоја истрага, но немало да молчат пред прогон.

Наместо да се соочи со прашањето како објектот работел цела година со фалсификувана лиценца, преполн со малолетници, со пиротехника и без дозвола, власта апси поранешен министер – кој одамна нема надлежност – само затоа што не е „нивни“. Во држава каде што целото општество е во тага, Премиерот на јавна сцена демонстрира вулгарни закани, влечење за уши и нарачува апсења пред камера. Не за да донесе правда – туку за да ја прикрие вистината.

И опозициската СДСМ обвинува за селективна правда, велат, истрагата за кочанската трагедија е насочена замо кон поранешни функционери.

Додека опозициските партии ја обвинуваат власта за селективност, од Владата најавува дека ќе се проверуваат слични случаи и од минатото.