Месец на Франкофонијата: Пендаровски на час по француски јазик во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје
По повод завршувањето на Mесецот на Франкофонијата, претседателот Стево Пендаровски во придружба на францускиот амбасадор Сирил Бомгарнтер, денеска ги посети билингвалните франкофонски паралелки во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје.
Претседателот, како што информира неговиот кабинет, бил запознаен со наставната програма на билингвалните франкофонски паралелки, меѓународната соработка што ја остваруваат со француските гимназии и заедничките педагошки проекти, можностите за училишни размени и образовните перспективи на учениците во иднина.
Во разговорите со професорите и учениците од четврта година, претседателот Пендаровски посочил дека учењето во билингвалната франкофонска паралелка претставува одлична можност не само за комуникација и усовршување на францускиот јазик, туку и за размена на искуства, посета на Франција и запознавање со богатата француска традиција и култура, и продолжување на високото образование на еминентни француски универзитети.
-Со билингвалната настава, гимназијата „Орце Николов“, се вбројува меѓу институциите кои имаат активна улога во промоција на францускиот јазик и франкофонската култура. Со негување на франкофонската традиција го продлабочуваме пријателството со Франција и го јакнеме чувството на солидарност со францускиот народ, посочил претседателот Пендаровски, додавајќи дека особено е горд што наши ученици образованието го продолжуваат и го завршуваат на реномираните француски универзитети.
Гимназијата „Орце Николов“ е првата гимназија со билингвална франкофонска настава во Северна Македонија, која е воведена во учебната 2000/2001 година и го поседува брендот за квалитет за билингвална настава „Label Franc Education“, што го доделува француското Министерство за Европа и надворешни работи.
Во моментов, билингвална франкофонска настава по предметите хемија, математика, историја и географија посетуваат 106 ученици од оваа гимназија.
Ново на Сител
-
Украина: Русија нема да престане додека не биде запрена
-
Трамп: Разговарав со Нетанјаху, се согласивме по сите прашања
-
Кривичен суд Скопје: Неосновано барањето за замена на мерката притвор со гаранција за Асмир Јахоски
-
Гори ѓубриште и трева кај поранешна Циглана – Драчево, информира ЦУК
-
Единаесет сообраќајни несреќи на патиштата низ истокот, за време на Велигденските празници
-
МЗШВ: Исплатени се 224.748.332 денари кон 7.826 лица за мерката 1.9 за остварено производство на овошје за 2024 година
-
Во Италија прогласена петдневна жалост
-
МВР: Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни пораки