Македонија
29. July 2025 - 16:38

Кривична пријава за градоначалникот на Кичево – Дехари свесно направил депонија во градот

Градоначалникот на Кичево заработи кривична пријава за загрозување на животната средина и несовесно работење. Фатмир Дехари овозможил да се формира дива депонија во населено место во Кичево. Според кривичната која ја поднесе ОВР Кичево тој дозволил да се одлага отпад на несоодветно место а со тоа да се загрозува животната средина, почвата, водата, воздухот со што ги загрозил условите за живот на луѓето, животните и растенијата.

Тој, постапувајќи несовесно при извршување на своите законски обврски и невршење должен надзор, од 2020 година, работел спротивно на одредбите од Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина, дозволил да биде формирана дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево, за која давал задолженија на вработени секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи.“

Градоначалникот на Кичево за Сител тврди дека не се работи за дива депонија туку еден вид на трансфер станица. Смета дека проблемот со отпадот е многу поголем бидејќи со години биле заложници на државата која доцни со регионалните депонии. Дехари се сомнева дека кривичната има политичка позадина.

Фатмир Дехари го завршува својот трет мандат како градоначалник на Кичево а не ја исклучува можноста дека ќе претендира и за 4ти. Пред два месеци МВР му поднесе кривична поради злоупотреба на службена положба бидејќи во својство на градоначалник склучувал договори со надворешни адвокати, додека во правниот сектор на општината имало 37 вработени.