Кошта: Време е ЕУ да ги исполни ветувањата кон Западен Балкан
Време е ЕУ да ги исполни дадените ветувања кон Западен Балкан. Првиот човек на Европскиот совет во првото обраќање пред европратениците со порака дека проширувањето на унијата мора да остане врвен приоритет, како најголема инвестиција во мирот и безбедноста на целиот континент.
- Европската Унија е целосно посветена на нејзиното проширување, како најголема геополитичка инвестиција за мир и безбедност за нашите народи и нашиот континент. Шесте земји од Западниот Балкан, Украина и Молдавија работат напорно за да ги исполнат своите обврски. Нема сомнеж дека иднината на овие земји е во нашата Унија. Време е да ги исполниме нашите ветувања, како што тие ги исполнуваат своите, порача Кошта.
Во геополитички променет свет, и ЕУ мора да се промени за да ги задржи своите вредности, порача и шефицата на Европската комисија. Проширувањето не беше дел од нејзиниот говор. Фон дер Лајен пред европратениците рече дека главен приоритет ќе биде брзо воспоставување врски со новата американска администрација, бидејќи милиони работни места зависат од меѓусебно поврзаните економии на ЕУ и САД.
- Нашиот прв приоритет ќе биде што поскоро да се ангажираме, да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени за преговарање. И кога ќе дојде време за преговарање, ќе бидеме прагматични во барањето заеднички јазик. Но, исто така, сакам да знаете дека ние секогаш ќе стоиме на нашите европски принципи – рече Фон дер Лајен.
Проширувањето на Унијата како приоритет во следните 6 месеци не го спомена ниту полскиот премиер кој пред европратениците ги презентираше активностите кои ќе бидат во фокус на нивното претседавање со ЕУ.
Наместо тоа, порача дека сега не е време да се штеди на безбедноста, за да преживее ЕУ мора да биде вооружана, а државите да издвојуваат 5% од БДП за одбрана. Туск ќе се фокусира унијата да ја намали енергетската зависност од Русија и сериозно ќе се занимава со нелегалната миграција.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар