Македонија
19. August 2024 - 16:47

Која е причината за смртта на 47-годишната пациентка која боледувала од акутна леукемија и корона?

СДСМ бара да се спроведе истрага за смртта на пациентката со акутна леукемија и корона, за која тврдат дека била одбиена да биде хоспитализирана на Инфективна, оти одделението за интензивна нега, се реновира. Опозицијата ги повика директорите на Инфективна и на КАРИЛ, јавно да објаснат зошто 47-годишната жена, не била примена на некоја од овие две клиники. 

„За овој скандал мора да има одговорност! Министерот Таравари да не чека како што чекаше вчера туку веднаш да преземе мерки за целосно расчистување на случајот. Но и за средување на состојбата на Инфективна клиника за да не се случи нова жртва“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Министерот за здравство пак тврди дека реновирањето на Инфективната клиника, не е причина за смртта на 47-годишната жена. Ја отфрли и можноста дека лекарска грешка е причина за изгубениот живот. Првиот човек на здравство тврди дека пациентката била лекувана според сите протоколи.

Со став се јавија и од Инфективна клиника. Оттаму велат дека болеста која ја имала пациентката, можела да се третира исклучиво на Хематологија. Од кај нив бил консултиран инфектолог, по што и била дадена потребната соодветна терапиja за лекување на корона, чиј позитивен тест за болеста, сега веќе починатата, го добила пред шест дена. 

„Сметаме дека неможноста за контрола на основното заболување во терминална фаза е причина за тешката состојба и леталниот исход на заболувањето на оваа пациентка“, стои во ставот на Инфективна.

Третманот бил спроведен според сите протоколи, тврдат и од КАРИЛ, од каде анестезиолог бил повикан на консултации на Хематологија.

„Став на стручниот колегиум е дека пациентката со хематолошко малигно заболување ја има добиена неопходната здравствена услуга во консултација со дежурните анестезиолози“, велат оттаму.

Според податоците на стручниот колегиум на Инфективна, пациентката битката со болеста ја започнала во февруари годинава. Последната хоспитализација на пациентката на Хематологија била на 25 минатиот месец, а болеста и била во терминална фаза.