Македонија
26. March 2025 - 16:34

Која е фирмата 2 СС Кичево чијшто управител заврши во притвор?

Која е фирмата 2 СС Кичево, чијшто управител заврши во притвор под соменевања за злоупотреба на јавен тендер и оштетување на буџетот на ЈПДП за скоро 47 милиони денари? Основана на 5.6.2005-тата. На е-каталогот на секторот за приватно обезбедување Македонија ќе Ве пречека описот дека агенцијата од основањето, па се до ден денес бележи значителен пораст, што резултира со поголем број на вработени и поголем број на задоволни клиенти. 

Но, во медиумите стана славна лани во јануари по инцидентот, бидејќи е првата приватна компанија која го чува МНАВ, со добиени два тендери по ред, во 23-тата и 24-тата. Според податоците за јавни набавки и на двата тендери досега била единствен понудувач за обезбедување на згадата на контролата за летање.  Од 24-тата на приватната фирма им помагаат и полицајци. 

Кичевската 2 СС е компанија чиј клиент била и Државна лотарија. Склучени се повеќе договори додека директор беше Перпарим Бајрами, кој воедно беше ипоранешен шеф на кабинетот на Артан Груби од ДУИ. Моментално и Груби и Бајрами се во бегство и недостапни за органите на прогонот. 

Агенцијата за електронски комуникации искеширала 306 илјади евра за обезбедување на четири објекти за една година на оваа компанија, додека потписи на овој договорот ставиле директорот на ДУИ Јетон Акику и Џемал Билбиловски, управителот на 2 СС. 

Податоците на Електронскиот систем за јавни набавки покажуваат дека низ годините како клиенти на фирмата 2 сс се јавуваат и Фонд за здравствено осигурување, Археолошки музеј, Здравствен дом Кичево, ТИРЗ Кичево, Клиника за геникологија, скопската болница 8-ми септември и други.

Во моментов оваа фирма се уште има активни договори, каде договорен орган е и владина институција.  Прашавме во Влада, дали ќе се разгледуваат актуелните договори со оваа компанија или  дали се размислува за нивно раскинување, со оглед обвинителството го сомничи управителот за коруптивни дела. Ниту од МВР не откриваат, дали се тресат сите зделки кои оваа компанија ги имала досега.

„Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на кривичните дела, интензивно постапува  и ги испитува сите евентуални сознанија кои упатуваат на сомненија за спроведени јавни набавки. Меѓутоа, предистражните дејствија се тајни и МВР не е во можност да открива против кои компании и кои јавни набавки ги испитува. Сите евентуални докази кои даваат основано сомнение за сторено кривично дело, МВР ги процесуира до надлежното јавно обвинителство“, изјавија од МВР за Сител .

Вчера, обвинителството предложи, а судија на претходна постапка го прифати предлогот на јавниот обвинител да определи мерки на претпазлисвост за ексдиректорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, и уште тројца вработени во ова претпријатие, но и притвор за управителот на 2 СС Џемал Билбиловски, кој практично е потписник на склучениот договор со ова претпријатие. Се сомничат дека го оштетиле буџетот за скоро 47 милиони денари, со тоа што наместо да ги обезбедуваат сите 14 патарини 24/7, тие го правеле тоа една смена, а им наплаќале за три.