Македонија
30. December 2025 - 16:35

Кои коруптивни скандали ја одбележаа 2025 година?

Апсења, мито, корупциски афери и политички обвинувања за корупција што станаа дел од секојдневието. 2025 година ќе се памети како уште една турбулентна година во борбата со корупцијата во Македонија. Од функционери фатени на дело со мито, до гласни меѓупартиски пресметки и институционални ветувања за правда, каква беше борбата со корупцијата оваа година?

Многу апсења и акции, но не и судски разрешници, оценува претседателот на Транспаренси интернешанал. Според Пандовски, како еден од најголемите скандали кој ја одбележаа оваа година е оставката на директорката на ДКСК, Татјана Димитровска која е осомничена за оддавање на информации од Комисијата на обвинет во случај со перење пари. Како проблематични се посочуваат задоцнетите измени на Кривичниот законик како и измените на законите за Судски совет и Совет на јавни обвинители.

Не чека предизвичувачка 2026 година, оценува претседателот на Транспаренси. За да се подобри борбата со корупцијата потребни се функционални закони, отчетност на функционерите како и поголема казнивост.

Меѓу последните корупциски случаи за годинава е поранешниот народен правобранител Фахми Стафа, фатен со 20.000 евра мито со сомневања дека сакал да влијае врз апелационен судија за укинување притвор, како и поранешниот управител во ЕСМ, Бујар Дардишта, со уште триесетина лица осомничени за местење тендери во компанијата.

Корупцијата беше откриена и во здравството, директорот на Геријатрија беше фатен со 20.000 евра мито за сместување пациент. Но фатен беше и директорот на Платежната агенција со 400 евра како прва рата од ветени 50.000 евра за доделување средства на фирма што не ги исполнувала условите. Меѓу постапките кои се водат се и оние за сомневања за извршени непотребни кардиолошки интервенции во приватни клиники, лажни дијагнози за да инвалидски пензии со што е оштетен ПИОМ како и сомневањата за корупција поврзани со нелегалната сеча на шуми.