Бизнис
4. December 2025 - 19:41

Кочоска: Не доцни повратот на ДДВ, проблем е застарениот систем на УЈП

Буџетот е ликвиден и има доволно пари за плаќање на обврските, тврди министерската за финансии. Доцнење со поврат на ДДВ има само кај оние фирми кај кои постои сомнеж за злоупотреба и детално се проверуваат, додека кај данокот за граѓаните од МојДДВ –  проблемот е технички во системот на УЈП. Изминавите години не се вложувало во негова надградба и затоа сега се случуваат проблеми, вели Кочоска.

- Вие велите девет месеци, а јас можам најодговорно да тврдам дека во Министерството за финансии не постојат налози кои стојат девет месеци. Такво нешто е невозможно. Ако сакате повеќе податоци, да се обратите во УЈП. Ние и во текот на вчерашниот ден разговаравме тука, каде е проблемот. Проблем во Министерството за финансии, најодговорно тврдам, нема. Ако некој мисли дека има, го повикувам Државниот завод за ревизија веднаш да влезе по оваа дискусија и да провери дали во системот стојат налози за „Мој ДДВ“. Технички е проблемот, она што го зборуваме во континуитет - не можете да очекувате седум-осум години да не се надгради ништо во УЈП и наеднаш сега се да биде како што треба. Моите колеги од ИТ постојано ја посетуваат УЈП, таму буквално се е во лоша состојба и сега директорката максимално работи со тие ресурси, со тоа што го има, додека не се направи дигитализација, изјави Гордана Димитриоска Кочоска

И во Словачка имало измами и злопотреби кај повратот на ДДВ. Нивниот министер за финансии вели дека проблемот го решиле со воведување е-фактура. Искуствата од дигитализацијата ќе и ги пренесе на колешката Кочоска.

Со инфлација и дефицит слично како кај нас –за претстојниот период ги загрижува рецесијата во Германија и Австрија, кои веќе почнале да откажуваат нарачки, наменети за автомобилскиот сектор. Инаку Словачка е најголем производител на автомобили по глава на жител во Европа и за сега постојните инвеститори не ја напуштаат земјата.