Коцевски: Ако јас имам дисциплинска повреда, нека ме разрешат
Владата го официјализира барањето за разрешување на државниот обвинител Коцевски. Неговото постапување било незаконско, го нарушил угледот на јавното обвинителство, а како што велат, и неговата фунцкионалност. Предлогот за разрешување треба да го подготви министерството за правда, а според владата, во него ќе биде уште наведено дека во обвинителството има корупција, неефикасност и влијанија. Тоа биле силни аргументи за разрешување на Коцевски.
„Владата цени дека придонесот од јавниот обивнител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршувања на функцијата. Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство, со што е направено намерно или неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои што ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот“, изјави Марија Митева, Портпарол на Влада.
Државниот обвинител пак смета дека не постојат причини да замине од позицијата. Пред владата да го официјализира барањето за разрешување, изјави дека ги почитува законите, а доколку се утврди дека ги прекршил, спремен е да ја напушти функцијата. Дали предлогот за разрешување го гледа како политичка смена, конкретно не одговори.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и се уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполенети согласно законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно законот за јавно обвинителство јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или на незаконит начин“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.
Владиниот предлог за разрешување на Коцевски дојде откако тој назначи времен шеф на Вишото обвинителство во Скопје. По една недела од именувањето на Наташа Крстевска Цалева, таа вчера писмено го известила Советот на обвинители дека не сака да ја извршува функцијата. Сакала да работи на конретни предмети.
„Пристигната е молба од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје кој е определен да раководи со тоа јавно обвинителство додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител. Ние ќе ја разгледаме молбата и на наредната седница ќе донесеме одлука“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.
Предлогот за разрешување на Коцевски ќе го разгледува и Советот на обвинители. Дава позитивно или негативно мислење кое го испраќа до владата. Постапката продолжува во собранието, каде се потребни 61 пратенички глас за разрешување на државен обвинител.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар