Македонија
19. September 2025 - 8:54

Кедев: Неопходна е контрола во приватното, но и во јавното здравство зашто и таму има непотребни интервенции

Нашата интенција не е само приватните болници да се контролираат, туку и јавното здравство зашто и таму има голема пролиферација на непотребни интервенции, непотребни стентирања и тоа е многу лесно докажливо, вели кардиологот Сашко Кедев, кој заедно со уште десетина негови колеги јавно излегоа и доставија медицинска документација до Министерството за здравство за случаи на непотребни кардиохируршки интеревенции.

-Се прави се и сешто без никаква контрола, и во центрите во чие создавање сум учествувал. Се надевам дека со контрола ќе се отстранат овие неправилности, ќе се заштитат пациентите од непотребни процедури. Треба и приватното и јаното здравство да бидат субјект на контрола и нема ништо лошо во тоа. Меѓутоа, потребна е реална контрола. Не ни треба административно-правна, туку експертска контрола. Со тоа сигурен сум дека многу финансиски средства ќе се насочат кон реално подобрување на здравствените услуги, а одвојуваме доволно средства за да имаме бесплатно здравство, изјави Кедев во синоќешното гостување во емисијата „Вечерното шуо со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа.

Смета дека е оправдано да има приватни болници и што се овозможи да заживее кардиохирургијата во земјава во 2000 година, но контрола мора да има.

-Тогашниот директор на ФЗО Војо Михајловски кој беше вклучен во отворањето на кардиохирургијата, не плаќаше ниту една интервенција без да има пет потписи и конзилијарно мислење од инвазивни кардиолози или кардиохирурзи. Ако ја имаме таа контрола ќе се овозможи приватните да работат како што треба, да нема злоупотреби, а во јавните да нема непотребни стентирања и непотребни интервенции, изјави Кедев.

Според него, треба да се заострат критериумите не само за интервенциите туку и за снимањата, зашто, како што посочува, секое снимање го зголемува ризикот од малигни заболувања. Често има потреба, но има и многу т.н. превентивни снимања без соодветна индикација.

За тоа како да се воспостави контролата, Кедев смета дека не треба да се затвораат приватни институции, туку да се воведе соодветна контрола и да се обезбеди сигурност и мир кај граѓаните.

-Не може да има профит во здравството, а ако го има тој не е на реални пациенти, бидејќи оние кои реално одат на хируршки интервенции, тие интервенции се скапи и тука не може да има профит. Пациентите треба да имаат право на избор, но државата мора да контролира. Тука е ФЗО кој плаќа, а второ е МЗ кое дава дозвола да се отвори некоја здравствена установа и должни се да вршат контроли, посочи Кедев. Решавањето на проблемите во здравството, според него, не е поврзано со политика, туку со експертиза.

Проблем, како што вели, е и заминувањето во приватните болници на кадарот кој се формира во јавното здравство и во кој државата вложувала во неговата едукација. Забележува и на зачестеното рекламирање на здравствени третмани, услуги и средства, кои можеби не се покриени со закон, наместо да се промовира здрав начин на живот.

Доктор Кедев советува превентива, едукација на пациентите и здрав начин на живот за да не дојде до здравствени компликации, особено на кардиоваскуларнииот систем, кои се главна причина за смрт кај нас и во светот. Потребна е и едукација кога треба да се прават превентивни прегледи, преку кои, како што наведе, многу често се „ловат“ пациенти и се индицираат инвазивни процедури кои не се потребни.

 

МИА