Јавна расправа во Собрание: Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето
Просечен пушач за една година троши повеќе пари за цигари, отколку за здравствено осигурување. Државата за истиот временски период брои четири илјади смртни случаи од пушењето во услови кога речиси секој втор Македонец е пушач. Овие алармантни податоци ја вжештија расправата во Собранието, каде здравствената фела побара итни и построги мерки за заштита на младите од никотинската зависност.
„Дали Вие сакате ако Вашата жена пуши да има 52% поголем ризик да има мртво родено бебе? Сигурно не. Дали сакате да има 53% да го роди предвремено? Сигурно не“, порача од говорница претседателот на Здружението на акушери и гинеколози.
„Еден просечен пучаш во Македонија издвојува повеќе за цигари, отколку за здравствено осигурување“, изјави Саше Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување.
Вејпот и електронските цигари со различни вкусови стануваат се поголем тренд кај младите. Да се забрани нивно рекламирање на социјалните мрежи побара Беким Сали. Упати и остра порака- законите за пушење ригорозно да се спроведуваат, но и да се пишуваат поголеми казни за прекршителите.
„Предлагам прекин на секоја форма на рекламирање за децата и реклами во дигиталните медиуми“, изјави Беким Сали.
Пушењето во 2010 година во угостителските објекти беше целосно забрането и внатре и на терасите. Но, во 2017 година пратениците го променија законот, поради жестоките реакции на угостителите дека забраната им наштетува на бизнисот, по што се дозволи пушење на терасите на кафулињата и рестораните.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
