Македонија
19. December 2025 - 16:37

Предлози и критики за Стратегијата за образование и наука 2026-2032 ќе може да се испраќаат до крајот на годината

Наместо уште предвидените два дена, јавноста ќе може до крајот на декември да дава предлози и критики за новата Стратегија за образование. Министерката Јаневска одлучи да го продолжи предвидениот законски рок во кој Стратегијата ќе биде достапна на ЕНЕР. Една од главните забелешки кои стигнале досега се за употребата на зборот „род“.

„Неколку невладини организации реагираат на употребата на зборот род, кој во Стратегијата е децидно употребен да направи разлика меѓу машкиот и женскиот пол. А го има и во многу други стратегии, во многу други документи и сметам дека конечно мора да го расчистиме тоа. Имаме Катедра за родови студии, имаме науки за родови студии, еднаквост меѓу мажите и жените, половите“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Министерката потпис на документот ќе стави во јануари, а не како што претходно беше најавено дека истата ќе биде усвоена до крајот на годината. Овие 200 страници треба да бидат патоказот за образовните политики во следните шест години.

Подобрување на инклузивноста во предучилиштата возраст е врвен приоритет во оваа стратегија.

„Имаме мал дисбаланс со ЕУ, треба да го зголемиме опфатот, треба да ги зголемиме капацитетите со едносменска настава“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Целта на Јаневска е до крајот на мандатот да има едносменска настава во секое училиште. Досега ја има во повеќе од 150 воспитно-образовни установи. Се стратегијата се очекува да има континутет со досега прилично успешната пракса со средното стручно образование, но и креирање кадар според потребите на пазарот на трудот. Меѓу приоритетите се зајакнување на капацитетите на наставниците, но и серија нови закони за високото образование.

Стратегијата чија подготовка траеше над половина година, ја креираа над 5.600 лица, со поддршка на меѓународни организации, под лидерство на МОН. Се одржаа три јавни расправи и собраниски дискусии.