Македонија
25. March 2025 - 16:43

И угостителски и државни објекти за време на мораториумот ќе треба да отстранат неправилности

Мораториум и за угостителските локали, но и за државните објекти кои не ги исполнуваат условите за работа. Засилените вонредни инспекции, освен кај кафулињата и дискотеките, откриле неправилности кај бројни државни објекти – градинки, училишта, домови за стари лица. Премиерот Мицкоски појасни дека мораториумот е временски рок за прилагодување или отстранување на недостатоците. Во тој период објектите нема да работат.

„Суштината е сите оние што ги доставиле документите, а не ги исполнуваат условите согласно вонредните инспекциски надзори на Државниот пазарен инспекторат да ги исполнат. И на државата ќе и треба одреден период за да ги исправи тие објекти кои биле градени или крадени изминатите три децении. Од предшколска возраст, пензионерски домови, училишта итн. Со други зборови кога се граделе или реновирале тие објекти, во суштина се краделе, затоа се менуваа Кривичен законик со европско знаменце, знаеја дека доаѓа Влада што има намера да работи, а тие што ја краделе државата и граѓаните да ги казнува и ние тоа ќе го направиме“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Колкав период ќе трае мораториумот се уште се размислува, вели Мицкоски, но нагласи дека сопствениците на локалите ќе имаат време колку што им е потребно.

Од друга страна, работна група во Министерството за економија подготвува измени на законот за угостителска дејност. Новина е што казните за прекршоци ќе бидат повисоки, а пазарните инспектори ќе прават контрола на условите во објектот пред да добие лиценца.

„Пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Вчера од ЗЕЛС порачаа да се направи контрола и на сите станбени згради. Антикорупциска, пак, почна да проверува закони за да види дали во нив има „дупка“ која носи ризик од корупција кога се издаваат дозволи и лиценци.