Градоначалникот на Кочани си даде оставка
Првото огласување на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов по трагедијата во градот со кој раководеше беше денеска- дека си дава неотповиклива оставка.
Папазов преку фејсбук напиша дека работел чесно и одговорно, а во јавноста не излегол по пожарот поради преголемата тага. Доколку има основ за одговорност кај него, го повика обвинителството да го испита и да постапи согласно законите.
Барам од сите надлежни институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани! Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се’, како и за моите лични постапки, напиша Папазов на социјалните мрежи.
Министерот за внатрешни работи, кажа дека Папазов синоќа бил повикан на информативен разговор. Секој што е вмешан во големата трагедија, ќе одговара, посочи Тошковски.
Според премиерот Мицкоски, градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов бил доблесен и поднел оставка од функцијата.
Папазов беше градоначалник на Кочани од осми ноември 2021 година.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар